Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска ќе одржат нова средба за тоа дали партијата ќе се приклучи во Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозицискиот блок.
Ова е втора средба на Заев и Гаши, откако на 19-ти месецов тие разговараа за условите и улогата на Алтерантива во новото парламентарно мнозинство, а конечната одлука беше оставено да ја донесат партиските органи.
Централното претседателство на Алтернатива во петокот го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза, додека на седницата на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа исто така во петокот, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство.
Една од најзначајните причини поради кои Алтернатива би влегла во Влада, како што изјави вчера Заев, е да обезбеди стабилна влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ.
Прво треба да се завршат преговорите за парламентарното мнозинство со Алтернатива. Ако тоа се заврши и јавно објави, ќе се направи проценка со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, кога да се влезе во Парламентот со постапка за избор на Влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија, кажа вчера Заев, во изјава за Телма.