Употребата на електронски цигари меѓу младите бележи сериозен раст во последните четири години, предупредија стручњаци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на форум организиран од Сојузот за превентива од зависности во Македонија. Податоците го покажуваат трендот на брзо зголемување на оваа навика, што лекарите го оценуваат како алармантен сигнал за здравјето на младата популација.

Д-р Давид Здравески посочи дека според истражувањата на ИЈЗ, во 2020 година околу 21 отсто од младите изјавиле дека користат електронски цигари, додека во 2024 година тој процент се искачил на речиси 30 отсто.

Според него, потребни се брзи и ефективни мерки со кои ќе се заштитат здравјето и иднината на младите, а тоа, како што истакна, е возможно само со тесна координација меѓу институциите, училиштата, здравствените служби и семејствата.

На форумот зборуваше и д-р Мартин Петровски од ИЈЗ, кој најави дека се подготвуваат измени на законот со кои ќе се регулира употребата на електронските цигари. Тој предупреди дека агресивните маркетиншки кампањи и овошните вкусови ја создаваат заблудата кај младите дека новите уреди не се штетни по здравјето.

Петровски, кој работи и на инфо линијата за одвикнување од пушење, нагласи дека повиките за помош претежно доаѓаат од повозрасни лица. Досега, како што рече, само двајца малолетници побарале поддршка за одвикнување од зависноста.