Сини папки со приоритетите во секој сектор, исто како и во 2019 година, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис им достави на сите министри за време на денешната прва владина седница, на која порача дека потребна е многу работа и дека мм служат на јавниот интерес и на граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
-Немаме апсолутно никакво право да ги разочараме граѓаните кои ни дадоа доверба. Се осмелувам да кажам дека општеството ни ја предаде штафетата на нејзината иднина. Затоа, секој од нас мора да ја сфати големата тежина на оваа палка во своите раце. Одговорно, но и оптимистички го започнуваме нашиот втор мандат. Би сакал да го наречам „мандат на ефикасност“, но и на „големи скокови“ што земјата мора да ги направи за да ги искористи големите можности што се отвораат пред неа, истакна Мицотакис.
Објасни дека сините папки за сите Министерства вклучуваат 120 реформи и 959 оперативни активности како дел од богатиот владин план за следните четири години.
-Добро ги знаете нашите четири општи насоки: подобри плати, подобро јавно здравство, подобра држава, подобар живот во силна Грција. Очигледно нашата програма е многу побогата и многу поширока, истакна Мицотакис, додавајќи дека владината програма детално ќе биде презентирана во Парламентот за време на дискусијата за гласање доверба на Владата.
Потсети дека за време на првиот мандат биле изгласани над 400 закони, но посочи дека нивните цели сега треба да бидат поамбициозни, не во однос на бројката, туку во имплементацијата.
Најави дека првиот предлог-закон што ќе биде донесен во Парламентот ќе се однесува на организацијата на државата за „координацијата и спроведувањето на централната политика да биде поефикасна“, а вториот ќе биде поврзан со економијата.
Дополнително рече дека исто како и во 2019 година на почетокот на првиот мандат, така и сега ќе ги посети сите Министерства, започнувајќи попладнево со Министерството за финансии.