Неколку илјади луѓе, и покрај студеното и ветровито време, гледаа како кранот ја поставува ѕвездата од 5,5 тони на кулата посветена на Богородица. Надбискупот од Барселона ја благослови кулата, прва отворена по 45 години. Таа е втора највисока од 18-те кули. Највисоката е посветена на Исус, четири – на евангелистите, а другите 12 кули ги претставуваат апостолите.
Целата базилика би можела да биде завршена до 2032 година, на 150-годишнината од поставувањето на првиот камен, предаден од епископот Хозе Марија Уркинаона на 19 март 1882 година.
Саграда фамилија е една од најпосетуваните згради во Шпанија. Во неа се наоѓа гробот на Гауди. Ѕвездата поставена на врвот на кулата е изработена од не’рѓосувачки челик, а пред инсталацијата беше тестиранa и нејзината издржливост, што вклучуваше удирање со тешки предмети при голема брзина.
По поставувањето на ѕвездата, се служеше миса, а беше објавена и порака од папата Франциск кој потсети на сиромашните, болните, заразените со коронавирус и изнемоштените. Папата рече дека сјајот на ѕвездата е „синодален пат што треба да се следи во Барселона и го повика градот – особено одговорните, да не ги забораваат сиромашните и исклучените“ (од општеството).
Во Барселона по повод отворањето на кулата до 4 јануари ќе се одржуваат различни настани, кои вклучуваат пеење божиќни песни, конференции, изложби и народни танци.