Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера истакна дека нема дискусии за менување на моделот на наставата за кој одлучува Комисијата за заразни болести. Исклучок е, вели, направен по однос на барањето на локалниот Координативен штаб на Тетово за преминување на онлајн настава за првите две недели од учебната година во тамошните средни училишта поради епидемиолошката состојба.

– Комисијата за заразни болести утврди дека може да одат со онлајн настава, само заради оптеретувањето на болницата, не заради други параметри што укажува на тоа дека денеска нема да се дискутира за промена на моделот во средните училишта, туку за почетокот на учебната година, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип и во пресрет на средбата со директорите на средните училишта во државата.

Запрашана кој е нејзиниот став по однос на наставата во средните училишта Царовска децидна дека одлуките за наставата се носат на Влада согласно аргументи и препораки на Комисијата за заразни болести, а не врз основа на лични ставови и оти се останато кое што се шпекулира, вели, не оди во прилог ниту на учењето, ниту на учениците, ниту на државата,параметри.

Во однос на протоколите посочи дека тие се објавени многу одамна и се достапни за сите оние коишто сакаат да ги прочитаат – и наставници, и директори, и ученици и родители и медиуми.

-Јасно е пропишана дезинфекција, маски и исто така користењето на училишната сала и училишните мензи. Значајно е дека вентилирањето на самите училници е забрането да се случува со уреди, туку треба да има отворени прозори, отворени врати. Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините, постојано дезинфекција на рацете и одржување на маските на лицето во континуитет, рече Царовска.

Таа оценува дека нема подобра опција за учениците од настава со физичко присуство, а ова е особено важно за нашите деца, затоа што стартуваат реформите во прво и четврто одделение, кои, вели, не би го достигнале проектираниот ефект, ако наставата се одвива преку некоја друга форма и нема непосредна интеракција со наставник – ученици.

Македонија е една од земјите од регионот заедно со Србија, Хрватска и Бугарија, кои пред почетокот на новата учебна година, ги соопштија одлуките наставата за учениците да се одвива со физичко присуство под јасно утврдени здравствени протоколи, за разлика од минатата година, кога во повеќето држави имаше целосно затворање на училиштата.

Надлежните од земјиве се согласни дека за здравјето на учениците е приоритет, но за епидемиолошката состојба да биде стабилна и наставата да се одржува непречено до крајот на учебната година, неопходно е што поголем дел од населението да се вакцинира, пред сè родителите и просветните работници.

И од нашето MЗ апелираат за масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, како би се заштитиле семејствата. Воедно се посочува дека во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар како приоритет, притоа одржувајќи го континуитетот на образованиот процес.

И додека милиони школски деца се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикаа училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.

Како што се наведува во соопштението од двете меѓународни организации, ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против КОВИД-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации.

-Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството, објаснува Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

За училиштата да се одржат отворени и безбедни, СЗО, УНИЦЕФ и УНЕСКО одобрија низа од осум експертски препораки развиени од Европската техничка советодавна група на СЗО за школување во време на КОВИД-19, за 53-те земји-членки во Европскиот регион на СЗО.

Училиштата да бидат меѓу последните места што ќе се затворат, а први што пак ќе се отворат, воспоставете стратегија за тестирање, обезбедете ефективни мерки за ублажување на ризикот, заштитете ја менталната и социјалната благосостојба на децата, заштитете ги најранливите и најмаргинализираните деца. Подобрете ја училишната средина. Вклучете ги децата и адолесцентите во носењето одлуки. Применете стратегија за вакцинација со која децата ќе останат на училиште, се препораките на техничката советодавна група на Европскиот регион на СЗО (ТАГ) сосатавена од независна група експерти формирана од регионалниот директор на СЗО за Европа.

Учебната 2021/2022 година утре ќе почне со отворени училишта за основците и средношколците. Настава со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни антиковид-протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комисијата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.