Мицкоски нагласи дека граѓаните имаат големи очекувања, бидејќи како што рече, изминативе седум години земјава била заробена од неколкумина властодршци.
Штотуку ја поднесов предлог-програмата за идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со програмата е поднесен и списокот за членовите на идната влада како придружен список се и нивните биографии. Очекувам пред пратениците да биде ставен викендов, односно на 22-23 јуни. Граѓаните очекуваат брзи резултати за она што оваа влада го ветуваше дека ќе го испорачува. Не ветувавме многу за време на кампањата, туку верувавме дека земјава ќе биде повторно на граѓаните, рече Мицкоски.
Тој истакна дека има група луѓе, којашто е мотивирана веднаш да постигне резултати и изрази очекување секој да се вложи повеќе од нивниот капацитет, бидејќи, посочи, граѓаните го направија своето, сега на ред сме ние.
Нагласи дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и нема да има толерирање, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата. Додаде дека очекува и брзи резултати во делот на економијата.
Гласањето за новата влада се очекува да се случи овој викенд.