Европската Унија не успеа доволно да „притисне“ за договор меѓу Белград и Приштина, а Вашингтон издејствува уште 48 часа за да се дојде до некаков компромис.

Вака накратко може да се опише тоа што се случи по последната рунда разговор во Брисел меѓу Вучиќ и Курти по прашањето на регистарските таблички на косовските Срби. Можеби за прв пат од почетокот на косовската криза, Брисел го впери прстот директно кон владата на Курти како одговорна за пропаѓањето на преговорите, а Србите беа пофалени за конструктивност. Сепак Вучиќ не е среќен од ваквиот исход на преговорите.

Разочараност што не се дојде до договор меѓу Косово и Србија изразија и САД, по чија иницијатива за 48 часа се одложи примената на одлуката на Приштина да почне со казнување на поради српските регистарски таблички. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс во писмената изјава вели дека Курти и Вучиќ треба да направат отстапки за да се осигурат дека нема да биде загрозен деценискиот тешко стекнат мир во и така кревкиот регион.

За сите последни тензии се огласи и германскиот амбасадор во Косово Роде, за кого е несфатливо како може да се доведува во опасност безбедноста на целиот регион само поради регистарски таблички. Повика на брз договор, а целата ситуација ја оцени како апсурдна.