Во магацините на МВР пристигнати се 8.000 парчиња виндјакни за припадниците на полицијата, кои денеска треба да бидат распределени. Започнувајќи од 2017 година, откако беше преземено раководењето на МВР од страна на министерот Оливер Спасовски, со нова стратешка поставеност на МВР за периодот од 01.06.2017 до 18.01.2022 реализирани се инвестиции во униформи во вредност од над половина милијарда денари со вклучен ДДВ или безмалку 10 милиони евра.
– Одлучни сме да продолжиме и во 2022 година со системското и посветено подобрување на работната средина на полицијата во насока на унапредување на перформансите во борбата против криминалот, подобрување на сообраќајната, но и целокупната безбедност на сите граѓани во нашата држава, се наведува во денешното соопштение од МВР.
Специјалните единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи се набавени и за останатите полициски службеници, а само од јули 2021 година до крајот на 2021 обезбедени се 10.000 кошули со долг ракав и 10.000 кошули со краток ракав за припадниците на полицијата, 2330 парчиња флуоросцентни елеци, 660 комплет униформи за приправници, 30 комплети работни одела за кујни, 34 парчиња воздухопловни јакни, 19 парчиња воздухопловни комбинезони и 7 парчиња специјални заштитни комбинезони, како дел од униформа за воздухопловен персонал, по 473 парчиња цивилна облека, обувки, цивилни кошули и цивилни чевли, 8.000 парчиња „поло” маици, 10.000 рала полувисоки чевли.
Во рамки на планот за материјално-техничко подобрување на условите за работа на полициските службеници, како што се наведува во соопштението, реконструирани и санирани се 70 објекти на МВР на територијата на целата држава, трансформирани и на енергетски план, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови термоизолациски фасади, со што директно овозможуваме заштеди во буџетот, ги намалуваме емисиите на штетни гасови, придонесуваме кон заштита на животната средина. Во моментов, се додава во соопштението, интензивната градежна офанзива е во тек на уште седум објекти, и тоа: ОВР Радовиш, ОВР Делчево, ОВР Берово, ЕВР Карпош, Одделот за заштита на личности и објекти во Скопје, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе, со тоа што прв ќе биде промовиран објектот на Единицата за внатрешни работи Карпош, како 71 реконструиран објект.
Исто така, обезбедени се и поголем број донации во возила и опрема за разни полициски организациони единици, а се модернизира и возниот парк.
– Продолживме и со грижата кон остварување на правата на вработените, со тоа што ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови во претходната година, а наскоро ќе биде исплатена и бонус платата за 2021 година, додека со Буџетот на МВР за 2022 година, обезбедивме средства за зголемувања на платата за 5 проценти на сите вработени во МВР во септември 2022 година, појаснуваат од МВР.
Трендот на квалитативно подобрување на условите за работа останува приоритет на ова раководство на МВР, се подвлекува во соопштението, бидејќи секое вложување во полицијата значи задоволни полициски службеници, што за возврат значи унапредување на севкупната безбедност на граѓаните.