По вчерашните инциденти кога се судрија граѓани и полиција, денеска е мирно на северот на Косово. Нема задржувања на премините Јариње и Брњак. Патничкиот и товарниот сообраќај се одвиваaт без проблеми.
Полицијата со возила ги блокира приодите кон зградите на општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, пишува агенцијата Бета. Гужва имаше синоќа поради граѓаните кои се враќаа од Белград од митингот на владејачка Српска напредна странка на претседателот Александар Вучиќ. Вообичаена процедура се одвива и за товарниот сообраќај, кој беше во прекин во петокот на 26 мај, бидејќи косовската полиција не пропушташе камиони да минуваат поради безбедносни причини.
Полицијата вчера им помогна на новите албански градоначалници на Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да влезат во нивните канцеларии, на што се спротивставија групи локални Срби. Полицијата употреби солзавец и шок бомби. Новите градоначалници влегоа во нивните простории по интервенција на полицијата.
Градоначалниците се избрани на изборите во април 2023 година. Српска листа ги бојкотираше овие избори.
ЕУ и САД ги осудија немирите и повикаа на деескалација. Вооружените сили на Србија засега остануваат на највисоко ниво на борбена готовност поради „бруталната употреба на сила од страна на Албин Курти и неговите сили против српскиот народ на Косово“.
И албанскиот премиер Еди Рама рече дека акцијата во северно Косово била непотребна.