Со портфолио гаранција, банка или штедилница, може да обезбеди кредити одобрени на микро, мали и средни фирми во доминантна приватна сопственост. Кредитите може да бидат за основни или обртни средства, со рок на отплата до осум години за основни средства и до три години за обртни средства.
Гаранцијата за кредити за основни средства може да биде до 50% од износот на главницата на кредитот, додека гаранцијата за кредити за обртни средства може да биде до 80% од износот на главницата на кредитот. Кредитите кои може да бидат ставени под портфолио гаранција треба да бидат со максимален износ до 30.750.000 денари.
Развојна банка на Македонија до денес има издадено портфолио гаранции кон Стопанска банка АД Битола, УНИ банка АД Скопје, Централна Кооперативна банка АД Скопје, Капитал банка АД Скопје, Халкбанк АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и Прокредит банка АД Скопје. Овие осум банки на своите клиенти можат да им понудат дополнителен колатерал обезбеден преку гаранцијата од Гарантниот фонд.
Листата на банки и штедилници кои се дел од гарантната шема, се очекува да се шири и понатаму.
Гарантната шема е дел од економските сетови на мерки донесени од страна на Владата на Република Македонија, заради справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, и е дел од Планот за забрзан економски раст на Владата. Со дополнување на Законот за Развојна банка на Македонија, во рамките на истата, се формираше Гарантен фонд како посебна организациона единица.
Преку Гарантниот фонд се реализираат два производи: портфолио гаранции кон банки и штедилници, за поддршка на кредитирањето на микро, мали и средни трговци и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз, за кои големите компании може да се обратат директно до Развојна банка на Македонија.
Банките кои се вклучени во кредитно-гарантната шема се објавени на веб страницата.