Нови детали за масакрот во Канада: Десет жртви и 27 повредени во нападот во Тамблер Риџ
Десет лица, меѓу кои и осомничениот за нападот, се пронајдени мртви по вооружениот инцидент во Tumbler Ridge, на североистокот од канадската покраина British Columbia, соопшти канадската полиција. Шестмина загинале во средното училиште Tumbler Ridge Secondary School, две лица биле пронајдени мртви во стан во блиска зграда поврзана со настанот, а едно лице починало на пат кон болница. Во нападот се повредени 27 лица, од кои две се со повреди опасни по живот.
Телото на лицето кое во полициското предупредување било опишано како „жена со кафена коса и фустан“ е пронајдено во училиштето, при што се претпоставува дека станува збор за самоубиство. Полицијата го идентификувала осомничениот, но не го објави идентитетот ниту потврди дали станува збор за жена.
Медиумски тврдења за идентитетот на напаѓачот
Десничарски медиуми во Канада, повикувајќи се на сведоци, објавија дека напаѓачот бил 18-годишен маж кој се идентификувал како трансродово лице. Според „Western Standard“, станува збор за 18-годишниот Џеси Стренг, кого мештани го посочиле како сторител. Лиам Ирвинг и Хуан ван Херден, негови поранешни соученици, за истиот медиум изјавиле дека бил повлечен и тивок, но не и проблематичен ученик.
Новинарите на „Juno News“ разговарале со негов вујко, кој, според нивните наводи, потврдил дека Џеси е одговорен за нападот и дека се идентификувал како трансродово лице. За двете лица пронајдени мртви во станот во близина на училиштето се претпоставува дека се мајката и братот на осомничениот.
Истрагата продолжува, мотивот непознат
Првите пријави за пукањето во училиштето пристигнале околу 13:20 часот по локално време, а полицијата реагирала во рок од неколку минути. Истражните органи сè уште го утврдуваат мотивот и испитуваат дали постоела поврзаност меѓу осомничениот и училиштето.
Учениците го опишуваат настанот како надреален. Според нив, околу 13:30 часот бил активиран аларм за заклучување, по што се забарикадирале во училниците. Матурантот Дариан Квист изјавил дека два часа останале затворени, додека преку мобилен телефон добивал фотографии од случувањата. Во текот на вчерашниот ден, повеќе светски лидери изразија сочувство до Канада поради трагедијата, што е редок случај за оваа земја.
