Откако Плусинфо вчера ексклузивно откри што се случувало на состанокот во седиштето на СДСМ на 21 декември, на кој Зоран Заев и Венко Филипче дошле со намера да се пресметаат со Димитар Ковачевски, а си заминале со течење од ногавици, во последните 24 часа екипата на поранешниот премиер молчеливо се прегрупира за нова битка.

Во текот на вчерашниот ден се случи она што го очекувавме и што го најавивме. Плусинфо утрово пренесува дека освен спорадични напади врз авторот на овој текст на социјалните мрежи, Заевата пропагандна машинерија гласно го одмолча написот. Немаше деманти од учесниците на состанокот на 21 декември. СДСМ официјално не се огласи во врска со изнесените наводи дека поранешниот партиски лидер со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на својот наследник Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо тоа, Плусинфо доби потврда од високо позициониран извор во албанскиот политички блок, кој вели дека во неговата партија за настапот на Заев на Бихаќка дознале пред десетина дена, што ќе рече веднаш по одржувањето на состанокот на раководствто на СДСМ. Изворот смета дека планот на Заев е во целосна координација со некои структури во албанските политички партии.

Од два независни извора блиски до раководството на СДСМ добивме објаснување зошто во планот на Заев е предвидена елиминација на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски и кој би можел да биде кандидатот за оваа функција што заеднички би го поддржале ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Но, за тоа подоцна.

БИЗНИСМЕН Има ли бизнис-империјата Заеви причини за загриженост?

Најважното прашање, кое бара поширока експликација, е зошто Заев одненадеж е толку загрижен за состојбите во СДСМ и во државата и зошто ризикувал да настапи со план, во ситуација кога лесно можел да претпостави дека ќе биде одбиен. Дополнително прашање поврзано со ова е каква врска имаат Американците со драмата во СДСМ.

Како што е познато, Зоран Заев има релативно долг стаж во политиката. Беше градоначалник на Струмица, беше лидер на СДСМ во опозиција обилно поддржан од меѓународниот фактор (најмногу од Американците) во периодот на борбата против режимот на поранешниот премиер Никола Груевски и потоа и самиот беше премиер безмалку пет години. Заев не е универзитетски професор (иако течно зборува англиски и неколку други јазици, на пример), не е лекар како неговиот најблизок сопартиец и сега натурализиран Струмичанец Венко Филипче и не е уметник. Тој е бизнисмен, трговец по вокација.

Општо е познато дека семејството Заеви има повеќе успешни бизниси, а нивните компании и имоти се раширени во повеќе земји на Балканот (главно во Србија и во Бугарија), а во поново време и во некои подалечни топ бизнис-дестинации, каква што е Дубаи, на пример. Во сето тоа, се разбира, нема ништо спорно. Напротив. Проблемот е во фактот што за време на своето владеење, Муртинецот ги прошири влијанието на бизнис-империјата Заеви и формалните и неформалните бизнис-партнерства со многу македонски компании и со нивните сопственици. Дел од нив се во сомнителни бизниси, а не е тајна и тоа дека дел од тие луѓе се корумпирани.

Новата американска амбасадорка Анџела Агелер, уште недојдена во Македонија, изјави дека една од нејзините први задачи ќе биде да ѝ помогне на земјава во справувањето со организираниот криминал и со корупцијата. Дека Амбасадата на САД не се шегува стана јасно кога во Македонија ненадејно се појави тим за санкции од Вашингтон. Прв пат се случува такво нешто во историјата на Македонија. Подоцна некои наши функционери, меѓу кои и секогаш „аналитички“ расположениот претседател Стево Пендаровски, објаснија дека станувало збор за дипломати кои воделе разговори со повеќе луѓе во Македонија. Пендаровски најави дека оваа мисија може да има врска со ажурирањето на црната листа на американскиот Стејт департмент, на која би можеле да се најдат и функционери од актуелната власт.

Нема начин во Македонија да се поведе остра борба со корупцијата и со организираниот криминал во Македонија, без да се отвори фронт со дел од актуелната политичка гарнитура на власт, но и со луѓе од бизнис-елитата. Дополнително, нема начин една таква борба да не ги засегне интересите на Зоран Заев, неговите конекции и партнерства и влијанието во локалните бизниси во Македонија, но и пошироко. Никој точно не може да каже колку длабоко и колку сериозно една жестока антикорупциска кампања би можела да ја погоди бизнис-империјата Заеви, но со голема сигурност може да се претпостави дека многу луѓе што правеле разни дилови со нив имаат сериозни причини да бидат загрижени.

ДЕЦИДНО Оливер Спасовски нема да игра за екипата на Заев

Тука лежи главниот мотив за обидот на Зоран Заев повторно политички да се факторизира и евентуално да се врати на бел коњ на политичката сцена. Инаку, тоа, самото по себе, не е нешто невидено во македонската политика. Овој феномен се случува, речиси законито, секогаш кога политичките лидери во заминување октроираат свои наследници. На Љубчо Георгиевски тоа му се случи со Никола Груевски. Откако Бранко Црвенковски во заминување го „црпна“ Зоран Заев и го постави на кормилото на СДСМ, се случи поделбата на „бранковисти“ и „заевисти“. Тогаш Заев не чекаше Бранко да се налути, туку прв тргна во офанзива против својот претходник. Сега тоа се случува меѓу Заев и Димитар Ковачевски, при што Муртинецот пак пука прв. Нели, Џанго пука прв…

Но, овој пат судирот во СДСМ може да биде многу посериозен од сите претходни. Влоговите се поголеми. А за исходот се заинтересирани и Американците. На состанокот на 21 декември на Бихаќка, Ковачевски прилично јасно и директно му соопштил на Заев дека му е позната агендата на Американците и дека САД во ова раководството на СДСМ и во Влада ќе има партнер во спроведување на тие приоритети. Вознемиреноста на Заев по состанокот јасно укажува на тоа дека не требало да му се „преведе“ пораката од Ковачевски, а тоа е дека оваа Влада нема намера да ги штити ни Заев ни луѓето со кои тој се договорал и создавал линии на влијание и конекции.

За успешно преживување на таа антикорупциска кампања – ако до неа воопшто дојде – на Ковачевски му се потребни единствено партиско раководство и стабилна влада. Не му се потребни Заев и младиот и надежен Филипче. Потребен му е Оливер Спасовски, на пример, влијателниот министер за внатрешни работи. Овој ресор ќе биде клучен за успешно спроведување на една таква кампања, во која темпото би го давале Американците.

Спасовски вчера се огласи во јавноста и во одговор на едно не многу коректно новинарско прашање, даде многу коректен, прецизен и интересен одговор. Имено, новинар го прашал министерот Спасовски „за коментар на новинарски текст во кој се пишува дека се подготвува промена на премиерот и на составот на Владата“. Прашањето не е прецизно, бидејќи во тој новинарски текст, на ова место и од овој автор, беше напишано дека „од кујните блиски до Заев се проширија шпекулации дека премиерот Ковачевски наводно испланирал брза реконструкција на Владата и при тоа бил со намера да ги отстрани министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски“, како луѓе блиски на Заев.

Како и да е, Спасовски ја потврдил информацијата на Плусинфо дека не бил присутен на состанокот на 21 декември и одговорил на новинарското прашање:

– Сакам децидно да кажам дека оваа Влада ќе опстои до крајот на мандатот 2024 година. Лично јас, како човек кој долги години е во СДСМ и на силни и високи позиции, ќе направам сѐ да се сочува единството во партијата, да зајакне партијата и повторно промовирајќи ги тие вредности за кои што се залагавме во целиот овој период, да продолжиме напорно да работиме за реализација на значајни стратешки цели. Шпекулации, односно било какви тврдење кои се изнесуваат од наводни средби на кои што јас не сум присуствувал, воопшто не сакам да коментирам.

Веројатно и ова е доволно јасно и не треба да му се преведува на Заев. И Спасовски знае за приоритетите на Американците и останува беспоговорно во тимот на Ковачевски, спротивно на планот на Заев за брзи предвремени избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во наредните 8 години ќе ја делеле власта. Случајно или не, пред два дена Спасовски имаше средба со американската амбасадорка Агелер.

ЦИРКУЗ АДРИА Заев го предлага Заев за иден шеф на државата?

Да се вратиме сега на планот што Заев го образложил 21 декември, на состанок во Бихаќка, на кој покрај Филипче од Заева страна, присуствувале Димитар Ковачевски, Радмила Шеќеринска, Миле Зечевиќ и неколку други членови на најтесното раководство на СДСМ. Да повториме, ова се клучните точки од планот што го изложил Заев:

Одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години. Премиер да биде победникот на изборите.
Eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата. Заев рекол дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети.
Eлиминација на претседателот Стево Пендаровски. Доколку СДСМ го добие премиерскиот мандат, идниот шеф на државата да биде од ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски стана претседател на Македонија во 2019 година, како консензуален кандидат на СДСМ, на ДУИ и на повеќе други политички партии. Следните претседателски избори во редовниот термин би требало да се одржат во 2024 година, значи заедно со парламентарните во редовниот термин. Но, ако се оди на предвремени парламентарни избори, на влада ВМРО – СДСМ и на елиминација на ДУИ на Али Ахмети, како што предвидува планот на Заев, логично е да се оди и на елиминација на Пендаровски и на предвремено претседателски избори.

Како што рековме на почетокот, два независни извора блиски до раководството на СДСМ на Плусинфо му кажаа кого планира Заев за заеднички кандидат на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата. Верувале или не, кандидатот е – Зоран Заев!

Редно е да го кажеме и тоа дека трет извор, исто така близок до раководството на СДСМ, тврди дека ова сепак е спин, насочен против планот на Заев.

ПРОФИТ Сите збунети, Мицкоски охрабрен

Спин или не, оваа тема уште еднаш води кон прашањето дали е можно Заев да е во договор со Христијан Мицкоски, кого наводно го држел „в рака“, како што се фалел. Во вчерашната објава кажавме дека Плусинфо ги провери овие наводи во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Таму добивме одговор дека немало средба меѓу Христијан Мицкоски и Зоран Заев и разговори за поделба на извршната власт после изборите. Но, симптоматично е тоа што сепак имало обиди на Заев да му пристапи на Мицкоски. Не се прецизира за какви обиди станува збор.

Вчера Мицкоски се огласи на темата предвремени избори:

– Охрабрени сме што има пратеници од коалицијата во Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, кои праќаат јасни сигнали дека сакаат што побрзо да се стави крај на ова криминално и коруптивно владеење на оваа коалиција и дека се подготвени во парламентот да поддржат распуштање и организирање предвремени парламентарни избори. Добро би било и здраво ДУИ да помине мандат од четири години во опозиција. За нас прифатливо е да има брзи предвремени избори, а граѓаните ќе одлучат каква ќе биде идната влада. Да ги поддржиме тие луѓе кои дадоа вакви сигнали заедно, да изгласаме недоверба на оваа Влада и да одиме на предвремени избори.

Кои се тие луѓе што испраќаат сигнали засега не се прецизира. Дали се тоа оние 7 пратеници за кои кујната на Заев тврди дека се спремни да излезат од парламентарното мнозинство и да ја урнат владата на Ковачевски? Мицкоски категорично одбива да биде доведен во врска со Заев, но неговите коментари создаваат недоумици. Најбенигната претпоставка е дека тој сега јава на бранот на приказната за внатрешните превирања во СДСМ и се обидува да ја „бустира“ темата предвремени избори. Договорено или не, Заев сериозно му помага на лидерот на опозицијата да ги оствари намерите.

АНГЕЛИ И ДЕМОНИ Колку е долг фитилот на Заев?

Што е следно?

Нашите извори велат дека втората рунда на битката меѓу Заев и Ковачевски би можела да се случи во т.н. некрстени денови, од Божиќ до Водици. Периодот од раѓањето до крштевањето на Исус се смета за период опасен за луѓето, време кога се во движење разни „нечисти“ сили и кога починатите се во близина на своите домови. Во тие денови се фрлаат магии и се бркаат демоните и болестите.