На местото се упати и едно возило на пожарната служба.
Жителите се загрижени од неподносливата смрдеа што се шири од огнот, како и од силниот ветер кој може да го прошири пожарот.
Од безбедносни причини веќе неколку часа затворен за сообраќај е булеварот „Борис Трајковски“ кон населбата Драчево, а возилата се пренасочуваат кон Лисиче, што создаде колони на возила и гужва во тој дел од градот.
Во Скопје моментно се активни 18 пожари од кои три се најкритични, во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце, соопштија денеска на прес-конференција директорот на ЦУК Стојанче Ангелов и неговите соработници, додавајќи дека за само неполн час се пријавени нови седум пожари. Причина за ваквата алармантна ситуација се високите температури и силниот ветер кој го отежнува гасењето, велат тие.