Најмалку едно лице загина, а 30 се повредени, кога патнички воз со 50-ина луѓе излета од шините во раните утрински часови во Холандија по ударот во градежен кран, соопштија властите.
Спасувачките екипи се на местото на несреќата во Вооршотен, село во близина на Хаг. Несреќата се случила пред зори, околу 3.30 часот, соопшти итната помош. Предниот вагон на ноќниот воз од Лајден до Хаг излета од шините и заврши во поле, јави новинската агенција АНП, пренесува „Ројтерс“.
Возот се судри со кранот
Вториот вагон останал на место, а во задниот вагон избувнал пожар, кој подоцна бил изгаснат. Некои патници се тешко повредени, а портпаролот на противпожарната служба за холандското радио изјави дека 19 лица се хоспитализирани, додека на други им била укажана помош на самото место.
Директорката на холандските железници, Карола Белдербос, објави дека возот се судрил со кран и дека меѓу повредените се машиновозачот и двајца кондуктери. Според претходните извештаи, патнички воз се судрил со товарен воз.
Портпаролот на холандските железници, Ерик Кроз, потврди дека во несреќата учествувал товарен воз, но не даде детали. Јероен Виенен од компанијата за одржување на железницата „Прораил“ изјави дека се поведени повеќе истраги, а освен полицијата, истрагата ја води и неговата компанија.
„Невообичаена, но и страшна несреќа“
Тој рече дека станува збор за многу необична, но и страшна несреќа и дека „Прораил“ ќе истражува зошто и како се случила за да избегне вакви несреќи во иднина.
Премиерот Марк Руте и кралското семејство, кралот Вилем-Александар и кралицата Максима, изразија сочувство за жртвите.