Со истрели од огнено оружје синоќа е застрелан и убиен полициски испектор пред ноќен клуб во Бијелина, Босна и Херцеговина, јавуваат регионалниите медиуми, објавува 360 степени.
Станува збор за инспекторот Ненад Марковиќ, вработен во полициската управа во Бијелина. Убиството рано утрово го потврди портпаролката на ова одделение, Александра Мариќ, пренесе регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Инцидентот, како што соопшти полицијата, се случил на улицата Меша Селимовиќ и бил пријавен синоќа, три минути пред полноќ.
Истрагата за убиството ја води окружното обвинителство во Бијелина.
Веднаш по пукањето, на местото на настанот пристигнале голем број полициски екипи кои го блокирале поширокиот простор. Биле запрени сите возила затекнати во тој периметар и извршени контроли врз случајни минувачи, пренесува Н1.
Припадници на полициската управа во Бијелина и на одделот за криминалистичка полиција во текот на истрагата уапсила повеќе лица.
Меѓу нив, како што пренесуваат медиумите, е и првосомничениот за убиството.
Неофицијално станува збор за лице со иницијали Н.К., син на член на Социјалистичката партија и пратеник во народното собрание на Република Српска, еден од трите ентитети на Босна и Херцеговина.
Осомничениот Н.К., како што пишува „Дневни аваз“ и е добро познат на полицијата и требало во моментот да се наоѓа зад решетки, бидејќи пред половина година бил осуден на затворска казна од 26 месеци. Според други медиуми, тој бил на слобода затоа што пресудата сè уште не била правосилна.
Тој, според босанскиот весник, бил осуден од Основниот суд во Брчко, откако Обвинителството на округот во Босна и Херцеговина ги докажало обвиненијата дека тој стои зад поттикнувањето други лица за предизвикување општа опасност. Имено, тој поттикнал едно лице да го запали автомобилот на преставник во окружното собрание, а меѓу делата кои му се ставаат на товар се и дека фрлил бомба во ресторан и нелегално поседување на оружје.
Засега не се познати мотивите за убиството на полицискиот инспектор. Според неофцијални информации што ги пренесуваат локалните медиуми, првоосомничениот и инспекторот не биле во конфликт. Што точно стои зад убиството и кои се околностите во кои се случило, ќе треба да одговори истрагата.
Убиениот Марковиќ, кој работел како инспектор во Полициската станица 2 во Бијелина бил застрелан пред ноќен клуб во моментот додека го напуштал објектот. Во инциднетот, наводно бил ранет и припадник на обезбедувањето на клубот.