39-годишниот Орхан Бајрами – Оки кој беше убиен во раните утрински часови во елитна вила во Ханиоти, е познато име во подземјето и организираниот криминал во Македонија, дошол на Халкидики заедно со уште двајца мажи и две жени, пишуваат грчките медиуми додавајќи дека бил убиениот македонски државјанин бил сопственик на казино и имал бизнис со алкохол.
Вориа пишува дека убиството се случило пред очите на двете жени во тој момент, рано утрото околу 3 часот и 30 минути во саботата почнале да викаат помош и потоа заедно со третото лице ги однеле двајцата застрелани во Здравствениот дом Касандра. Петте лица биле на возраст од 19 до 45 години, сите од Северна Македонија,
Кога пристигнале првите полицајци, жртвите веќе биле пренесени во Здравствениот дом.
Медиумите во Грција објавија дека истрагата за откривање на сторителите е во тек. Сепак, се претпоставува дека веднаш по убиствениот напад ја преминале границата кон Северна Македонија каде се информирани локалните власти, објави Вориа.
Соработката со грчките власти ја потврди вчера и македонското МНР кое од МВР добило потврда дека во делот на оперативната соработка веднаш по убиството службите на двете земји се во постојана комуникација и разменуваат информации во полза на истрагата и расчистување на случајот.
Се трага по двајца сторители, дошле со автомобил пред вилата
Се трага по две маскирани лица, облечени во црно кои кобното утро се појавиле во изнајмената вилата во Ханиоти и отвориле оган врз Оки и неговата придружба. Користеле пиштол калибар 32 со пригушувач. Неговата смрт била моментална, додека полицијата од местото на убиството собрала вкупно 19 чаури. 45-годишниот пријател на убиениот е повреден од шрапнелите и е хоспитализиран во Општата болница Полигирос и е надвор од животна опасност. Телото на убиениот Орхан Бајрами веднаш е испратено во Солун на обдукција.
-Иако првично се тврдеше дека убијците дошле со мотоцикл, според новите сознанија кои ги објави грчки ЕРТ, безбедносните камери снимиле патнички автомобил со странски регистарски таблички пред и по вооружениот напад, во близина на вилата во која престојувал 39-годишниот. Според полициските извори и од текот на истрагата, се чини дека двајцата сторители биле токму во овој автомобил, објави Ин.гр.
Возилото не поминало низ ниту една гранична станица, па се вршат опсежни претреси за негово лоцирање во Грција, велат истите грчки полициски извори, но не е исклучена можноста сторителите да побегнале надвор од границите на Грција користејќи друг начин.
Како и да е, грчката полиција смета дека конкретното возило останува во границите на земјата и по него интензивно се трага, како важен елемент во истрагата за мафијашката егзекуција.
Според последните информации, двајцата сторители откако излегле од автомобилот го прескокнале ѕидот, дошле пред големиот стаклен прозорец и од надвор пукале кон куќата.
Убиството најавено на ТикТок
Најава дека се спрема убиство на Бајрами била објавена на ТикТок минатиот петок.
Поточно, објавена е фотографија со 39-годишникот на која пишува „наскоро доаѓа“, додека луѓето од десно и лево имаат црвен х. Вчера од истиот профил е објавена истата фотографија на која на 39-годишникот му е додаден црвен х, пишува Вориа.
Од начинот на кое е извршено убиството, грчките власти од почетокот претпоставувале дека се работи за договорена егзекуција.
Во овој контекст, тие ја поврзуваат мафијашката егзекуција на 39-годишниот Орхан Бајрами со уште едно убиство пред околу три месеци во Скопје, во „Шиша бар“.
-Неговиот близок пријател, кој наводно припаѓал на лидерската група на групата на Оки, тогаш бил егзекутиран во кафуле со речиси 40 куршуми. Во истиот контекст се испитува дали убиството е поврзано и со уште еден убиствен напад што се случи минатиот месец во Приштина на Косово при што жртвата е уште едно лице близок до 39-годишникот, објави Вориа.
Станува збор за убиството на Бљерим Даци од Чаир кој бил изрешетан со калашников, а безживотното тело е пронајдено во автомобил со македонски регистерски таблици, додека на километар подолу е косовската полиција пронајде запален автомобил со германски регистерски таблици.
Даци бил осомничен за убиството во скопскиот „Шиша бар“ што се случи на 6 март годинава кога со 40 куршуми од калашников се убиени Јетон Кривањева-Жила и Есен Исеинов-Љаци, главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“
Од друга страна, косовските медиуми пишуваа дека Даци бил припадник на криминалната група „Барон“ и како и припадник на Исламистичката држава војувал во Авганистан.
Порталот повикувајќи се на информации од Македонија пишува дека со месеци во Скопје се води војна меѓу криминалните групи на подземјето, при што групата на Оки, Дуѓанџик е цел на ривалска мафијашка група.
Всушност, како што тврдат, 39-годишниот се криел во Грција знаејќи дека тој е следната цел, но требало да се вратат во Македонија во следните 24 часа.