Семејството на 35-годишната Марија Маринковска тврди дека таа пред смртта им кажала дека осомничениот за серијата убиства, 25-годишниот Т.Б., ја следел и вознемирувал, а во последниот телефонски разговор со братот му рекла дека некој ѝ тропа на вратата и дека многу се плаши, пренесува Радио Бум. Обдукцијата покажа дека Маринковска починала од насилна смрт.
Нејзиниот татко, Зоран Маринковски, вели дека семејството поминало низ двоен шок – прво ја погребале ќерката мислејќи дека станува збор за природна смрт, а вистината за насилната смрт ја дознале по ексхумацијата. Родителите пред околу 40 дена ја погребале Марија, уверени дека причината за смртта се компликации поврзани со алкохол.
Според сомнежите, Маринковска е втора жртва на Т.Б., кој се поврзува со убиства на пет жени – две оваа година и три минатата година. Таткото раскажува дека Марија живеела во Старо Нагоричане кај својот вујко и работела земјоделие со братучедот, а пред неколку години била овчарка во семејството на осомничениот.
Тој вели дека Марија им кажувала на родителите дека Т.Б. ја следи, по што таткото пријавил во кумановската полиција, но му било кажано дека таа треба да пријави во полицијата во Старо Нагоричане, што и го сторила. Според неговите зборови, полицајците по пријавата отишле кај Т.Б., но тој не бил дома.
– Ја баравме на телефон на 18 јануари, не се јави. Последен жив ја слушна нашиот син, пред полноќ. Му кажала дека некој ѝ тропа на врата и дека многу се плаши – раскажува Маринковски.
Следното утро околу 7 часот повторно се обиделе да ја добијат на телефон, но безуспешно. Потоа замолиле соседки да проверат, а вратата на куќата била отклучана. – Влегле внатре и ја нашле под јамболија – вели таткото.
Тој додава дека горниот дел од телото ѝ бил покриен со јамболија, додека долниот бил откриен, и се сомнева дека е задушена. На денот на смртта полицијата и лекарите извршиле проверки на телото.
Т.Б. беше уапсен минатата недела по убиството на 78-годишна жена во селото Челопек и се наоѓа во притвор во затворот во Куманово.
