Плусинфо неодамна објави информација дека членови на работната група за подготовка на уставните измени би можеле да предложат нов текст во Преамбулата, со кој ќе се зацврсти наративот за самобитноста на македонската нација и ќе се потенцира историскиот континуитет на македонскиот јазик до неговите темели во старословенскиот јазик, со цел барањето за внесување на Бугарите во Уставот да стане прифатливо за сите.

-Сега неофицијално дознаваме дека други членови на работната група, меѓу себе и со претставници на политичките партии, разменуваат нови предлози за тоа како да биде напишана Преамбулата. Во фокусот на тие нови предлози е идејата да се задоволи албанскиот политички фактор, кој инсистира на бришење на формулата „20%“ и целосно изедначување на македонскиот и на албанскиот народ во целиот текст на Уставот, вклучувајќи ја и Преамбулата, пишува порталот.

Од што се незадоволни Албанците?

Како што е познато, додека во нормативниот дел на Уставот сите етникуми во земјата се дефинирани како „етнички заедници“, во сегашната Преамбула на Уставот постојат 4 категории:

  • македонскиот народ
  • дел од албанскиот народ
  • турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ (се смета дека она „дел од“ се однесува и на нив)
  • другите.

Експерти сметаат дека разликувањето на „македонскиот народ“ од „делови од други народи“ е логично и оправдано, бидејќи Македонија е единствената држава на македонскиот народ, додека сите други народи спомнати во Уставот, во многу поголем број живеат во други држави, кои се всушност нивни „матични“ држави.

Но, ова објаснување може да обнови една стара, подзаборавена полемика меѓу Македонците и Албанците, бидејќи вторите сметаат дека Македонија не е само „матична“ држава на Македонците, туку и нивна. Затоа тие бараат целосно рамноправен статус со Македонците. Оттаму произлегува и формалното барање за бришење на формулата „20% “, која после војната во 2001 година, всушност, на Албанците им обезбеди рамноправен статус во пристапот во образованието, во државната администрација и на други полиња, како и целосна рамноправност на албанскиот јазик.

Иако сега политичките претставници на Албанците себеси се претставуваат како промотор на уставните промени какви што се бараат од ЕУ и од САД, сепак се покажа дека ова прашање нема да биде ставено под маса откако ќе се отвори Уставот.

„Плусинфо“: Дали Бугарите ќе имаат ист статус како и Албанците?

Фрустрацијата на Албанците дополнително ќе биде засилена и поради тоа што новите „делови од народи“ што ќе бидат запишани во Уставот – засега се спомнуваат Бугарите, Хрватите, Црногорците, Египќаните и Евреите – во Преамбулата ќе имаат формално еднаков статус како и Албанците, а веројатно така ќе биде и во нормативниот дел од Уставот во кој се дефинира составот на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Факт е дека сега 24,3% Албанци според последниот Попис на населението, во Преамбулата имаат еднаков статус како и 3,86% Турци, 2,53% Роми, 1,3 % Срби, 0,87 % Бошњаци и 0,47% Власи. Ако се усвои почетната идеја списокот на „деловите од народи“ едноставно да се продолжи, тоа ќе значи дека 24,3% Албанци во Преамбулата ќе „тежат“ колку и 0,19% Бугари (3.504 попишани лица), 0,12% Хрвати (2.145), 0,06% Црногорци (1.023), 0,13% Египќани (2.406) и само 66 лица кои се изјасниле како Евреи.

Дополнително, овде треба да се додаде дека на последниот Попис на населението се регистрирани и 4.174 Торбеши (0,23%), 1.187 Муслимани и 455 Муслимани-Македонци. Што со нив? Дали и тие ќе влезат во Преамбулата? И што со 344 Југословени, 303 Руси, 294 Грци итн?

Целата вест прочитајте ја на ПЛУСИНФО.