Комисијата донесе и методологија за избор преку случаен избор од МЈА, согласно законските одредби
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница донесе повеќе одлуки во пресрет на Локалните избори 2025, меѓу кои и упатство за избор на нови избирачки одбори.
Според одлуката, ќе се именуваат претседатели, членови и нивни заменици во избирачките одбори, согласно законските одредби. Станува збор за редовна постапка, бидејќи завршува четиригодишниот мандат на досегашните одбори, формирани пред локалните избори во 2021 година.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека е донесена и методологија за именување на составите на новите избирачки одбори.
Изборот ќе се спроведе преку систем на случаен избор во Министерството за јавна администрација. Тој ќе се одвива согласно важечките процедури, со примена на упатството за родова и етничка застапеност – изјави Кондарко.
Тој појасни дека предлог-методологијата произлегува од веќе донесеното упатство.
Се однесува на изборот на нови состави, што ќе биде спроведен до крајот на август. Потоа ќе следи нивна обука и доставување прирачници за работа во септември – рече претседателот на Комисијата.
Кондарко нагласи дека оваа точка се надоврзува на веќе усвоеното Упатство (точка 10) и е логично продолжение во постапката за составување нови избирачки одбори пред локалните избори во 2025 година.
На седницата едногласно беше усвоена и Предлог-одлука за измена на описот на избирачките места. Станува збор за места каде бројот на избирачи е над 1.000, што е спротивно на законската одредба.
Промените ќе се применат во општините Чаир, Гостивар, Куманово, Кисела Вода, Струмица и Тетово. Таму ќе се направи нова распределба на гласачите, без промена на вкупниот број избирачки места. Целта е усогласување со Изборниот законик и обезбедување ефикасен изборен процес.
Дополнително, Комисијата ја усвои и Предлог-одлуката за неможност за извршување работни обврски по два или повеќе основи. Таа важи за процесот на организирање и спроведување на ист изборен процес.
Исто така беше одобрена и Предлог-одлука за изгледот на беџовите за идентификација на сите лица вклучени во изборните дејствија.
ДИК донесе и Предлог-одлука за измена и дополнување на Годишниот план за јавни набавки за 2025 година.
Ангелчо Ристов, член на ДИК, информираше за деталите од измените:
Првата набавка се однесува на сервер за системскиот и софтверски оддел на Комисијата. Втората е набавка на систем за складирање на податоци, исто така наменет за серверскиот оддел – изјави Ристов.
Комисијата ја одобри и Предлог-одлуката за дополнување на Упатството за работа на Oпштинските изборни комисии и на Општинската изборна комисија на град Скопје (бр. 08-873-1 од 13.03.2024).
Светлана Карепетрова, претставничка на ДИК, ги објасни новите одредби:
Со измената во член 2, став 5, се додава нова реченица. Во неа се пропишува дека секретарот на ОИК и КГС не смее да биде член на семејството, брачен или вонбрачен другар, дете, родител, брат, сестра или лице што живее во заедничко домаќинство со претседателот на ОИК. Тоа важи и за роднини по крв до четврти степен, роднини по сватовство до втор степен, или лица со кои претседателот има финансиски интерес, согласно член 8, ставови 3 и 4 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси – изјави Карепетрова.
Комисијата го усвои и Предлог-правилникот за неможност за извршување повеќе работни ангажмани во ист изборен процес.
Согласно него, следните категории нема да можат да бидат ангажирани по два или повеќе основи: членови на изборни органи, избирачки одбори, општински изборни комисии, секретари, сертифицирани обучувачи и технички лица во Стручната служба на ДИК.
На крајот од седницата, Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите ќе се одржи јавна седница. На неа, како што рече, ќе биде усвоен роковникот со сите изборни дејствија што ќе следат.