Два современи паркинга со најмалку 500 места ќе ги решат долгогодишните проблеми со паркирањето
Министерството за здравство и Град Скопје денеска го потпишаа договорот за изградба на два монтажни паркинга во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Договорот е на 15 години, со закупнина од 10 проценти од вкупниот промет, а паркинзите ќе бидат пред се наменети за пациентите и за вработените во Клиничкиот центар. Првата фаза предвидува изградба на два модерни паркинга со најмалку 500 паркинг места, кои се очекува да бидат во функција до втората половина на наредната година.
– Ова е капитален проект не само за Скопје, туку и за цела Македонија, со кој ќе се реши досегашниот децениски хаос со паркирањето во Клинички – нагласи министерот за здравство, Азир Алиу.
Модерни системи за наплата и детекција на слободни места
Паркинзите ќе имаат напреден систем за евиденција и наплата, со детекција на слободни места, што ќе овозможи полесен и побрз пристап. Пациентите ќе ги користат по повластени цени, а планирано е едниот паркинг да биде кај Клиниката за гинекологија, а вториот кај црквата во Клиничкиот центар.
– Наместо приватен инвеститор, паркинзите ќе ги гради Град Скопје, што ќе го спречи поскапувањето на билетите и остварување на профит – истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. – Доколку се покаже дека има потреба, ќе биде изграден и трет монтажен паркинг, а доколку капацитетите овозможат, ќе се овозможи и користење за приватни резиденти.
Планирани дополнителни унапредувања и дигитализација
Проектот предвидува комплетен мониторинг на паркирањето, хортикултурно уредување на просторот, паметен систем со сензори, мобилна апликација и поврзување со фискален систем. – Се надеваме дека до втората половина на наредната година двата монтажни паркинга ќе бидат ставени во функција – подвлече Ѓорѓиевски. – Тие ќе бидат ултра современи, со нов систем за евиденција и наплата, кој ќе овозможи побрз пристап и ќе ги намали нервозите кај граѓаните.
Договорот за закуп на недвижнини со Град Скопје предвидува детално управување, одржување и инфраструктурно уредување на паркиралиштата, а градот има обврска да достави акциски план со конкретни рокови за имплементација. Проектот значително ќе го зголеми капацитетот за паркирање за околу 50 проценти, што ќе го модернизира комплексот на Клиничкиот центар.
