Напади следуваа по извинувањето на иранскиот претседател дека Техеран нема да ги таргетира соседите

Неколку земји од Персискиот Залив соопштија дека нивната противвоздушна одбрана пресретнала ракети и беспилотни летала испратени од Иран, иако претходно Техеран се извини и порача дека нема да ги напаѓа соседните држави. Веста ја пренесе германската новинска агенција ДПА.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно изјави дека Иран нема да ги таргетира соседните земји, освен ако нападите врз Иран не потекнуваат од нивна територија. Тој се извини за нападите што се случија во регионот.

Катар, Бахреин и ОАЕ со пресретнати ракети и дронови

Кратко по изјавата на Пезешкијан, Министерството за одбрана на Катар соопшти дека вооружените сили пресретнале ракета насочена кон државата. Не се пријавени жртви ниту материјална штета.

Катар е домаќин на базата Ал Удеид, која претставува најголема американска воена инсталација на Блискиот Исток.

Сирени за тревога денеска се огласија и во Бахреин. Тие предупредуваа на можни воздушни напади во земјата каде што е сместена Петтата флота на американската морнарица.

Бахреин соопшти дека од почетокот на нападите пресретнал и уништил 86 ракети и 148 беспилотни летала.

Во меѓувреме, Обединетите Арапски Емирати објавија дека реагирале на беспилотни летала и ракети кои доаѓале од Иран.

Министерството за одбрана на земјата соопшти дека воздушната одбрана пресретнала 15 од вкупно 16 балистички ракети и 119 од 121 беспилотни летала.

Напади и кон Саудиска Арабија

Претходно и Саудиска Арабија објави дека пресретнала серија беспилотни летала насочени кон огромното нафтено поле Шајба.

Исто така биле пресретнати и две балистички ракети испукани кон воздухопловната база Принц Султан, која се наоѓа во близина на главниот град Ријад.

Уште два беспилотни летала биле уништени источно од Ријад, соопшти Министерството за одбрана на Саудиска Арабија.

Иран изврши повеќекратни одмазднички напади врз арапските земји од Персискиот Залив откако САД и Израел започнаа бомбардирање на Иран пред една недела.