Данска планира да воведе национална минимална возраст од 15 години за пристап до одредени социјални мрежи, објави данската Влада, со цел подобра заштита на децата и младите во дигиталниот свет.

Според најавите, родителите ќе имаат право да дадат дозвола нивните деца да користат социјални медиуми од 13-годишна возраст, пренесе ДПА.

Министерството за дигитализација објасни дека новиот закон ќе им овозможи на децата повеќе време за одмор, игра и личен развој, пред да започнат активно да користат интернет-платформи кои носат ризици по нивната безбедност и ментално здравје.

Политичкиот договор сè уште не прецизира кога мерката ќе стапи во сила, ниту кои точно социјални мрежи ќе бидат опфатени, освен дека ќе се однесува на најголемите глобални платформи.

Данска е меѓу првите земји во Европската Унија што презема ваков чекор, а властите најавија дека ќе го промовираат ова прашање на европско ниво, особено откако земјата ја презеде претседателската функција со Советот на ЕУ во јули годинава.

Австралија веќе е пионер во оваа област, каде младите можат да користат TikTok, Snapchat, YouTube, Facebook и Instagram само од 16-годишна возраст.