Нови индикатори и анализа за „Мој Термин“: Пренатрупаноста ќе се решава со системско филтрирање

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека според проценки на стручни медицински експерти, „во моментов, 70 отсто од пациентите што се лекуваат на терцијарно ниво, всушност припаѓаат на секундарното здравство“. Изјавата ја даде на прес-конференција во Министерството за здравство, одговарајќи на прашања за метежот и долгиот период на чекање за специјалистички прегледи и дијагностика.

„Ќе воспоставиме јасни индикатори за секој доктор, дали ги нуди услугите што се очекуваат од него во примарното и терцијарното здравство, или само ги пренасочува пациентите од примарно кон терцијарно ниво“, истакна Алиу.

Министерот најави дека е во тек сеопфатна анализа, по која ќе се воспостави нов систем за управување со упатите. Системот ќе биде поврзан со платформата „Мој термин“, со јасни, стандардизирани протоколи за тоа кога и како пациентите се упатуваат од едно ниво на здравствена заштита кон друго.

Недостига податоци за кадарот и инфраструктурата, најавена транспарентност

Алиу посочи дека државата сè уште нема целосна слика за расположливите човечки ресурси и капацитети во здравствениот систем.

„Истите тие податоци ќе ни дадат и јасна слика за типот на инфраструктура со кој располага здравствениот систем. Во моментов, на пример, немаме целосна слика за човечките ресурси во здравството“, рече министерот, додавајќи дека се работи на собирање и објавување на транспарентни информации за здравствениот кадар.

Средби со граѓани – термините веќе пополнети

Како дел од мерките за зголемена комуникација со јавноста, министерот повтори дека секој петок од 10 до 15 часот ќе се одржуваат поединечни средби од 15 минути со граѓани, кои однапред ќе закажат онлајн. „За наредните три недели, почнувајќи од 4 јули, сите термини веќе се закажани“, рече Алиу.