Целта на киднапирањето на Вања Ѓорчевска била изнуда, дознава „Скопје1“ од извори во истрагата. Вмешан бил и член на потесното семејство кој учствувал во изнудата, брифираат извори. Убиството било извршено со пукање од огнено оружје кон Вања.
Едно од осомничените лица кое не е достапно на органите на истрагата е познато за јавноста. По него се трага, по што, ќе биде приведен. Мотивот за убиството се пари, пренесува медиумот „Скопје1“.
Станува збор за група од пет лица кои се осомничени. Тројца се спроведени во Кривичен суд. На нив ќе им биде определен притвор, кој ќе го издржуваат во затворот „Скопје“ во Шутка.
Претходно, Обвинителството сподели детали.
„По преземени опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје, денеска (03.12.2023) во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, а во околината на Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.
Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот“, велат од Обвинителството.