Проекти за спортска инфраструктура на УКИМ и Скопје
Министерството за спорт ќе спроведе три значајни проекти до крајот на годината: изградба на две нови спортски сали и реконструкција на спортската сала во комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најави министерот Борко Ристовски во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
„Реконструкцијата на спортската сала во комплексот на УКИМ е многу важна и за образованието и за спортот, бидејќи оваа сала веќе десетина години стои неупотреблива, како вистинска руина. По комплетната реконструкција на салата, над 4.000 студенти ќе може да се бават со спорт и да ги реализираат часовите по физичка образование во современ и безбеден спортски објект“, рече Ристовски.
Нови спортски сали во Аеродром и Крушево
До крајот на годината ќе почне и изградбата на нова спортска сала во Скопје (населба Аеродром, кај ФФМ) и на нова спортска сала во Крушево, која треба да го трансформира градот во регионален спортски центар за подготовки.
„Направивме истражувања кои покажаа дека националните спортски федерации што ги носат репрезентациите на подготовки трошат над 1 милион евра годишно надвор од нашата држава. Кога ќе направиме идеална спортска сала во Крушево, во близина на спортски хотел, планина, овде блиску во Македонија, поголем дел од тие средства ќе останат во државата, наместо да се трошат за подготовки во странство. Крушево ќе прерасне во еден регионален спортски центар за подготовки не само на македонските репрезентации и екипи, туку и за тимови од државите во регионот“, истакна министерот Борко Ристовски.
Преглед на изминатите достигнувања и идни проекти
Ристовски истакна дека во изминатите 15 месеци се изградени и реконструирани над 40 мултифункционални спортски центри низ целата држава, со цел рамномерна регионална распределба и достапен спорт за сите.
До крајот на годината ќе биде завршен и проектот за изградба на шест базени, кои претходно беа недовршени од поранешната Агенција за млади и спорт и ќе бидат предадени на општините.
