Нови 45,2 милиони денари се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестиции коишто ги реализираат домашните компании, информираат од Министерството за финансии.

Вкупната поддршка којашто Владата досега ја реализираше во приватниот сектор преку оваа мерка изнесува 14,9 милијарди денари или 242 милиони евра и има значајно влијание врз реализација на приватни инвестиции и поддршка за економската активност. Во Буџетот за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 250 милиони евра, откако првата транша кон Развојната банка и компаниите беше пуштена во март минатата година.

Средствата Владата ги обезбеди од унгарската Експорт-импорт банка со цел поттикнување на инвестициски циклус во приватниот сектор и забрзување на економскиот раст. Капиталните средства се пласираат преку Развојната банка и деловните банки до крајните корисници по поволни услови со каматна стапка од 1,95 отсто и рок на отплата до 15 години со вклучен грејс период до 3 години.