Предметот „Онкологија 2“ повторно беше во фокусот на јавноста, откако денеска во Основниот кривичен суд Скопје беа сослушани тројца сведоци предложени од Обвинителството. Судењето се води против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, обвинети за несовесно работење, злоупотреби и финансиски криминал.

Сведоците опишаа како се постапувало со пациентите, документацијата и набавките на лекови. Една од нив, шалтерска работничка, појасни дека секој пациент имал здравствена историја која се вадела со книшка бројче и се давала на лекарот.

„Ако треба да прима дневна терапија, вадиме упат и правиме финансиска пресметка“, рече таа.

Друг сведок, поранешен надворешен член на Управниот одбор, изјави дека Управниот одбор носел одлуки за набавки по барање на директорот, но тендерите ги спроведувало Министерството за здравство.

„На седниците често се укажуваше дека има потреба од терапија за пациентите, а ние не навлегувавме што точно се набавува“, истакна тој.

Третиот сведок, раководител на клиничката аптека, објасни дека лековите се примале исклучиво со писмено барање од директор.

„Приемот се врши само во аптека, а дел од лековите може да се најдат и во други оддели,“ рече таа.

Судот денеска одби неколку барања на одбраната, меѓу кои и изземање на јавниот обвинител и вештакот Елизабета Дамевска Јовановска.

Обвинетите Васев и Нухи не ја признаваат вината и тврдат дека обвинението е политички мотивирано. Судскиот процес продолжува, а предметот ги опфаќа наводните злоупотреби на Клиниката за онкологија во периодот од 2018 до 2022 година.