Воздухопловна тревога е прогласена утринава ширум Украина, а војската предупреди на можни руски ракетни напади на голем дел од територијата што се протега од Киев до централните региони и јужно од земјата.

Еден час по предупредувањето, на каналот Телеграм украинските вооружени сили им порача на жителите на Киев да останат во засолништа.

Беа издадени предупредувања за голем број други региони, вклучувајќи го Житомир западно од главниот град и Кировоград, Черкаси и Дњепропетровск во централна Украина.

Сирените се огласија северно од Киев и на југ и запад до регионите Винистија, Хмелницки и Черновци.

Другите канали на Телеграм предупредија на можни воздушни напади во централниот регион на Полтава и на југ во регионот на Миколаев.

Едно лице загина денеска во руски ракетен напад врз индустриски капацитет во јужниот украински град Одеса.

Ракетните делови што паднаа за време на воздушниот напад предизвикаа два пожари во источните области на Киев, дел од ракетата падна и во близина на градинка, соопштија официјални лица.

Уште две лица се ранети во нападот во Одеса, напиша на Телеграм портпаролот на воената администрација Сергеј Брачук, пренесува Ројтерс.

Утринава напади врз Киев се деветти во серијата неодамнешни руски напади кои се „без преседан по својата сила, интензитет и различност“, напиша на Телеграм Градската регионална управа на Киев.

Остануваат на сила предупредувањата за воздушни напади за Киев.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на Телеграм објави дека избувнал пожар во гаража во областа Дарница.

Проектили паднаа и во регионот Днепар во Киев. Тој изјави дека во ниту еден од овие инциденти нема жртви.

Шефот на воената управа на Киев, Сергеј Попко, на Телеграм објави дека избувнал пожар во станбени згради во областа Десњански, источно од главниот град, а нема информации за можни жртви.

Попко рече дека Киев бил нападнат со крстосувачки ракети и дека сите биле соборени од противвоздушна одбрана.