Поскапуваат бензинот и дизелот – Просечно зголемување од 2,46 проценти
Регулаторна комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,46 проценти во однос на одлуката од 12 јануари 2026 година.
Од РКЕ информираат дека референтните цени на светските пазари бележат раст во споредба со претходната пресметка, и тоа кај бензините за 4,109 проценти, кај дизел горивото за 5,194 проценти, кај екстра лесното масло за 4,462 проценти, а кај мазутот за 3,846 проценти. Истовремено, курсот на денарот во однос на американскиот долар бил повисок за 0,2303 проценти.
Нови максимални цени од 21 јануари
Од 21 јануари 2026 година, од 00:01 часот, максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95: 72,00 денари за литар
– Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98: 74,00 денари за литар
– Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 66,50 денари за литар
– Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1): 66,00 денари за литар
– Мазут М-1 НС: 32,987 денари за килограм
Колку поскапуваат горивата
Со новата одлука, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,50 денари по литар. Цената на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари по литар, додека мазутот М-1 НС поскапува за 0,854 денари по килограм и ќе изнесува 32,987 денари за килограм.
Од РКЕ појаснуваат дека станува збор за максимални цени кои ќе важат од 00:01 часот на 21 јануари 2025 година, при што трговците на големо и мало имаат можност да ги формираат цените и пониско од утврдените највисоки износи.
