Побрза и пофункционална мобилност во Кисела Вода

Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и кандидатката за градоначалник на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, го најави продолжувањето на втората фаза од проектот Есенинова“.

„За Скопје што дише, што се движи и што ги поврзува луѓето, град каков што заслужуваме! Во рамки на втората фаза од проектот ‘Есенинова’ започнуваме со пробивање на улицата од ‘Чешма’ до ‘Шампионче’. Ова значи растеретување, побрз пристап и подобра мобилност за жителите на Кисела Вода“, истакна Ѓорѓиевски. Со овој потег, улицата ќе ги поврзе „Антон Панов“ и булеварот „Борис Трајковски“, кој ќе биде довршен до Драчево.

Реконструкција на стари и критични улици ќе го растерети центарот и ќе обезбеди современа инфраструктура

Покрај улицата „Есенинова“, во тек е и темелна реконструкција на децениски запоставените улици, меѓу кои „Веле Марков“ во Ѓорче Петров, „Шарпланинска“ во Даме Груев, како и булеварското решение за улицата „Даме Груев“ во центарот на Скопје.

„Со реализација на овој булевар комплетно ќе го ослободиме центарот на Скопје од возила. Секој метар нова улица значи минута помалку во застој. Секој реконструиран тротоар значи поголема безбедност“, додаде тој.

Дополнително, реконструкција ќе добијат и клучни улици како „Перо Наков“ во Гази Баба, „Фрањо Клуз“ во Аеродром, „Стар Качанички пат“ во Визбегово, „101“ во Волково, „Загребска“ кон Детската болница „Козле“, како и „Бутелска“ и „Радишанска“ од Расадник до Радишани.

„Секој поврзан кварт значи подобар пристап до училишта, болници и работни места. Ова е нашата визија и нашата заложба. Заедно, чекор по чекор, улица по улица, ќе го изградиме Скопје што сите го заслужуваме“, порача Ѓорѓиевски.