Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, во гостување во магазинот „Трилинг“ објасни дека во 2025 година се планирани трансфери од 53 милијарди денари, односно 862 милиони евра, кои Владата ги издвојува за Фондот. Тој нагласи дека овие пари не се само за исплата на пензии, туку и за здравствено осигурување на пензионерите и за укинување на транзициските трошоци кон вториот пензиски столб. Според него, буџетскиот дефицит на ПИОМ всушност ги опфаќа овие три компоненти.

На прашањето дали следната година ќе има зголемување на пензиите, Мемов потврди дека зголемување е предвидено според законот што беше донесен оваа година. Тој рече дека во март 2026 година пензиите ќе се покачат за 1.000 денари, а во септември ќе следи законското усогласување во распон од 3 до 5 проценти.

Во врска со критиките дека линеарното зголемување на пензиите е популизам, Мемов истакна дека таа мерка е донесена на барање на пензионерите и дека вкупниот буџет за усогласување останал ист. Според него, единствената разлика е што сега зголемувањето е линеарно, во исти износи за сите пензионери, со цел ублажување на ценовните шокови, инфлацијата и растот на платите. Тој потенцираше дека инфлацијата е еднаква за сите, без разлика колкави биле придонесите за време на работниот стаж, па затоа овој концепт го смета за исправен и праведен, имајќи предвид дека македонскиот пензиски систем е социјално-солидарен.

На тврдењата дека Фондот е финансиски нестабилен и дека „во иднина нема да има пари за пензии“, Мемов категорично одговори дека исплатата на пензиите ја гарантира Владата. Притоа додаде дека буџетот на ПИОМ за 2026 година изнесува 152–153 милијарди денари, што е скоро половина од вкупните приходи на државата. Владата, според него, обезбедува 63 милијарди денари само за исплата на покачените пензии, редовните пензии, здравственото осигурување на пензионерите и трансферите кон вториот столб.

Говорејќи за подобрување на финансиската состојба во Фондот, Мемов објасни дека мора да се земе предвид пошироката слика, затоа што пензискиот систем е поврзан со економијата, здравството, правосудството, државната управа и безбедносниот систем. Тој истакна дека стабилноста на пензискиот систем бара стабилен економски раст, нови работни места и тесна соработка со бизнис заедницата. Мемов најави дека со помош од Светска банка во Фондот е формиран отсек за актуарство и дека следната година ќе биде изработена детална анализа за долгорочната одржливост на моделот.

Мемов рече дека во моментов Фондот нема ниту една неплатена фактура кон добавувачите и дека исплатата на пензиите се одвива редовно. Финансиската состојба, според него, е во „одлична кондиција“.

Во однос на прашањето дали пензионерите ќе можат дополнително да работат, тој истакна дека се разгледуваат законски решенија, бидејќи работодавачите се заинтересирани да ангажираат пензионери од дефицитарни професии. Планот предвидува пензионерите да добиваат дополнителна плата со уплата на придонеси кон ПИОМ, без тоа да влијае на висината на нивната пензија.

На прашањето дали ПИОМ е легло на партиски кадри, Мемов одговори дека кога ја презел функцијата, филијалите во Тетово, Гостивар, Куманово, Дебар и Струга имале стопроцентна пополнетост на работни места, додека во Прилеп, Битола, Струмица, Кавадарци, Штип и други општини имало само по 5–6 вработени. Тој рече дека од петте државни советници во ПИОМ, четворица биле декларирани поддржувачи на ДУИ, што според него ја покажува состојбата со кадровската политика во Фондот во изминатите 20 години.

Мемов се осврна и на неговата претходна политичка изјава по локалните избори, објаснувајќи дека владините партнери – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ – имале одлична координација и взаемна поддршка во сите општини. Тој ги наведе примерите со Куманово, Центар и Карпош, како и поддршката од владините партнери во западните општини. Според него, сите партнери дадоа подеднакво значаен придонес кон изборните резултати. Додаде дека дел од јавноста непотребно пласира перцепција дека има конфликт меѓу ЗНАМ и Вреди или дека ЗНАМ има некакви антиалбански ставови. Тој посочи дека и неговиот кабинет во ПИОМ и кабинетот на градоначалникот на Куманово имаат Албанци како шефови на кабинет, што, според него, е најдобар пример за соработката.