Предлог-законот за заштита од пушењето, изготвен од Министерство за здравство, предвидува целосна забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светска здравствена организација. Со законското решение се воспоставува јасно и универзално правило, со цел еднаква заштита на сите граѓани, без исклучоци и без простор за различни толкувања.

Пушењето како личен избор, здравјето заедничка одговорност

Од Министерството за здравство појаснуваат дека, иако пушењето е личен избор, затворените заеднички простори не смеат да бидат место каде тој избор го загрозува здравјето на другите. Законот не одлучува дали некој ќе пуши, туку прецизно утврдува каде тоа не е дозволено, со единствена цел – заштита на здравјето на сите присутни лица.

Чист воздух и директни здравствени придобивки

Квалитетот на воздухот во затворени простории, како што се наведува, има директно влијание врз здравствените исходи. Обезбедувањето чист воздух значи помал број иритации на дишните патишта, поретки астматични напади и намален ризик од појава на хронични заболувања кај населението.

Заштита на вработените и европски искуства

Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму вработените се најдолго и најинтензивно изложени на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има обврска да им обезбеди здрава и безбедна работна средина.

Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека искуствата од европските земји, меѓу кои Ирска и Велика Британија, покажуваат дека ваквите мерки не значат удар врз угостителството, туку придонесуваат за поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент. Тој додава дека на долг рок се зголемува посетеноста од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.