Новиот премиер на Нов Зеланд, лидерот на лабуристите Крис Хипкинс денеска положи заклетва по оставката на премиерката Џасинда Ардерн минатата недела.

Лабуристичката партија избра поранешен министер за полиција и за борба против Ковид да ја води партијата и државата.

Хипкинс (44) одржа прес-конференција по првиот состанок на неговиот кабинет. Toj рече дека централниот дел од неговата политичка агенда ќе биде насочен кон ограничување на инфлацијата.

Познат како „Чипи“, Хипкинс е добро познат на Новозеланѓаните по неговата компетентност во борбата против короната, иако призна некои грешки и се соочува со тешка битка да ја задржи власта на општите избори во октомври, објави „Ројтерс“.

Ардерн (42) поднесе оставка минатата недела, наведувајќи дека повеќе нема енергија да ја води земјата.