Светот ја заврши 2021 година со 29,326,993 активни случаи на коронавирусот, 5,452,999 починати, 253,689,769 оздравени и вкупно 288,469,761 заболени од почетокот на пандемијата.
Заклучно со 31 декември, во Македонија регистрирани беа 225.049 заболени лица од коронавирусот, починати 7960 лица, а активни 5243 случаи.
Почетокот на 2021 година донесе и надеж за крај на пандемијата, бидејќи во тек беше вакцинацијата против коронавирусот, но со појавата на новите соеви, што беа отпорни на веќе произведените вакцини, минатата година донесе нови предизвици за цел свет.
Во јануари, експерти од Светската здравствена организација (СЗО) заминаа во Кина да го истражат потеклото на пандемијата на КОВИД-19. Кон крајот на март беа презентирани резултатите, при што експертите заклучиле дека најверојатниот начин на пренос на вирусот е преку животно или евентуално преку замрзната храна, а најмалку веројатно е дека вирусот потекнува од лабораторија.
Хронолошки да се потсетиме на случувања во државата и светот, што ја одбележаа 2021 година во однос на пандемијата.
Почетокот на вакцинација во Македонија
Националниот план за вакцинација против КОВИД-19 беше разгледан и прифатен од страна на Владата на 26 јануари минатата година. Вакцинацијата се спроведуваше во три фази, во кои беа опфатени различни групи граѓани, односно оние кои се под најголем ризик од заболување. Сите заинтересирани граѓани имаа можност да се пријават на веб-страницата „вакцинација.мк“, со внесување на личните податоци.
На 17 февруари во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, првата доза Фајзер ја примија докторката Добринка Наунова Јовановска и главната сестра Габриела Темелковска од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби. Вакцинацијата продолжи, а приоритет имаа здравствените работници кои беа во првите борбени редови на пандемијата.
Согласно податоците од Министерството за здравство, до крајот на 2021 година аплицирани се вкупно 1.736.243 дози вакцини против коронавирусот, трета доза примиле 86.266 граѓани. Опфатот со вакцинација со две дози на полнолетната популација е 48 проценти, а 57 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани. Податоците на Министерството покажуваат дека 22 проценти од вакцинираните граѓани постари од 60 години примиле трета доза вакцина, а опфатот со една доза вакцина на полнолетната популација е 50 проценти.
Новите мутации на вирусот предизвикаа загриженост
Со цел да се избегне стигматизацијата на државите во коишто беа откриени новите соеви на коронавирусот, СЗО ги именуваше со букви од грчката азбука. Па така првата откриена мутацијата во Велика Британија беше именувана „Алфа“, мутацијата од Јужна Африка се нарекува „Бета“, мутацијата од Бразил е „Гама“, а онаа од Индија е именувана „Делта“.
На почетокот од второто тромесечие од 2021 година, во Соединетите Американски Држави беше присутен Алфа сојот, што предизвика голема загриженост за состојбата со вирусот. Во мај, Индија се соочи со над 400.000 случаи на Делта сојот, на дневно ниво, а СЗО оцени дека оваа мутација на вирусот е побрзо пренослива.
Кон средината на март 2021 година, во Македонија доминантен стана Алфа сојот, при што државата се соочи со трет бран на пандемијата.
Кон крајот на пролетта и почетокот на летото, состојбата во државата беше стабилна, а се зголеми и интересот за вакцинација.
Во април, глобалниот биланс на смртни случаи од Ковид-19 надмина три милиони. Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус кон средината на летниот период оцени дека светот се наоѓа во опасен период поради делта варијантата, што во тој момент беше присутен во 100 земји.
Учениците се вратија во училишните клупи, под посебни протоколи
Министерството за образование и наука донесе План за одржување на наставата со физичко присуство на учениците во основите и средните училишта во учебната 2021/2022 година и протоколите за постапување на училиштата (основни и средни) во реализацијата на воспитно-образовниот процес по нивното отворање за сите ученици.
Со почитување на мерките и здравствените протоколи, дел од учениците од основните и средните училишта се вратија во училишните клупи, а останатиот дел од учениците кои спаѓаат во ризична група имаа дозвола наставата да продолжат да ја следат онлајн.
Во текот на летниот период се одобри и вакцинација на млади лица на возраст од 12 до 18 години со единствената дозволена вакцина за лица на оваа возраст, Фајзер.
За време на првото полугодие не беше забележано драстично зголемување или ширење на вирусот низ училиштата, но голема улога имаше и големиот процент на вакцинирани просветни работници.
2021 година – нееднаквост и поделби
Од СЗО досега се одобрени десет вакцини, додека ЕУ одобри пет – Фајзер, Модерна, Астра Зенека, Џонсон и Џонсон и Новавакс. Во светот администрирани се девет милијарди дози, но само 8,3 отсто од населението во земјите со ниски приходи е вакцинирано со најмалку една доза.
Шефот на СЗО, Гебрејесус уште на почетокот на 2021 година предупреди дека себичноста и нееднаквата поделба на вакцините не помагаат да се стави крај на пандемијата.
Преку Ковакс програмата за дистрибуција на вакцини во посиромашните земји се очекуваше да бидат испорачани две милијарди дози во 2021 година, но достигна само една четвртина од целта.
Додека некои делови од светот сè уште ја чекаат првата доза, Израел најави четврта доза за здравствените работници и лица над 60 години. Некои од земјите најавуваат или воведуваат задолжителни вакцини.
Поради нееднаквата дистрибуција на вакцини и појавата на новите варијанти беше загрозено економското закрепнување, а повторно се воведуваат и построги мерки. Патувањето без ковид-потврда е невозможно, а по тој повод ширум светот, а најмногу во Европа се одржаа и протести на кои демонстрантите негодуваа дека им се скратени правата на слободно движење.
Без ковид-сертификат речиси е невозможно да се функционира во секојдневниот живот. Дел од земјите го применуваат на работа, во јавниот превоз, културни или спортски настани. Во Македонија важи мерката дека за влез во објект е потребно да се приложи сертификат со примени две дози вакцина или потврда за прележан КОВИД.
Кон крајот на ноември се појави Омикрон – нов сој на коронавирусот, што ги промени плановите за 2022 година. Експертите велат дека новиот сој се шири побрзо, ја намалува ефикасноста на вакцините против КОВИД-19, но сепак е помалку опасен од Делта сојот. Појавата на Омикрон ги одложи и божиќните и новогодишни прослави во дел од земјите, а се воведоа и дополнителни рестриктивни мерки.
Во 2021 година, Светската здравствена организација не ја исполни својата цел да вакцинира 40 отсто од населението во секоја земја до крајот на годината. Од 194 земји-членки на СЗО, приближно половина не ја исполнија целта, а во околу 40 држави не е имунизирано ниту десет отсто од населението.
Генералниот секретар на СЗО, во новогодишната честитка изрази надеж дека во 2022 година можно е да заврши пандемијата на коронавирусот.
– Две години по почетокот на пандемијата, алатките на располагање за борба против Ковид-19 сè уште се нерамномерно распределени низ светот. Во Африка, три од четири здравствени работници не се вакцинирани, додека луѓето во Европа и САД примаат трета доза. Таквиот јаз ги зголеми условите за појава на нови соеви, заклучувајќи нè во циклус на континуирани загуби, тешкотии и ограничувања, напиша Гебрејесус.
Тој додаде дека ако заврши нееднаквоста, тогаш ќе заврши пандемијата и глобалниот ноќен кошмар што го проживеа цел свет.