Стадионите да функционираат со целосна исполнетост, а учениците и вакцинираните просветни работници да прават само еден селф тест седмично, се препораките на надлежната комисија на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, препораки кои грчката Влада ги прифатила, јави дописничката на МИА од Атина.
Новите одлуки се во рамките на постепеното олабавување на мерките во земјата
Експертската комисија на Министерството за здравство на денешната седница едногласно препорача намалување на бројот на тестови кои седмично ги прават учениците и вакцинираните наставници, како и зголемување на капацитетот на стадионите на 100 отсто. Учениците и вакцинираните наставници ќе прават еден селф тест неделно. Препораката на Комисијата е прифатена од Владата, а деталите ќе бидат разјаснети во министерската одлука, соопштија од Министерството за здравство на Грција.
Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, претпладнево, како што објави МИА, соопштувајќи дека од 15 април привремено ќе се укине административната месечна казна од 100 евра за невакцинираните граѓани кои се над 60-годишна возраст рече дека на денешниот состанок на комисијата „ќе биде презентиран целокупниот план на Владата за деескалација на мерките и времето на олабавување на мерките што се однесуваат на тестовите, влезот во затворените простори и потребата да има сертификат”.
Врз основа на одлуките на Комисијата ќе се донесат и одлуките на Владата, истакна Плеврис.