Истрага на Конгресот во САД за аферата со Џефри Епштајн повторно го насочи вниманието кон поранешниот британски принц Ендру, откако неколку членови на Надзорниот комитет побараа тој да сведочи и да ги разјасни своите контакти со починатиот сексуален престапник.

Одлуката на британскиот крал Чарлс да му ја одземе титулата „принц“ дојде по повеќемесечен јавен притисок и критики за врската меѓу Ендру Маунтбатен Виндзор и Епштајн. Според Би-Би-Си, Ендру и понатаму негира дека сторил какво било кривично дело.

Во меѓувреме, четворица демократи од Надзорниот комитет повторно упатија повик Ендру да даде исказ пред Конгресот. Иако телото е под контрола на републиканците, засега не е познато дали тие ќе ја поддржат иницијативата.

„Ако сака да го исчисти своето име, ако сака да им оддаде правда на жртвите, ќе излезе и ќе одговори на прашања. Значи, тој очигледно знае што се случило и ние само сакаме да излезе и да ни каже што знае“, изјави конгресменот Сухас Субрамањам.

Членот на комитетот Раџа Кришнамурти за Би-Би-Си изјави дека би можело да се побара издавање на судска покана за Ендру, но предупреди дека тоа би било тешко додека тој престојува надвор од САД.