ВМРО-ДПМНЕ ја промовира стратегијата „Македонија 2030“: Ново поглавје за стабилност и развој

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја претстави стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“, усвоена на 18-иот конгрес, која според партијата треба да ја постави основата за деценија на стабилност, економски развој и модернизација. Документот се темели на шест стожери, преку кои се најавува дека државата до 2030 година ќе стане „стабилна, силна и институционално зрела“. Како што наведуваат од партијата, стратегијата го напушта моделот на импровизирано политичко управување и воведува долгорочно планирање.

Фокус на безбедноста, економијата и правната држава

Стратегијата предвидува засилен фокус на националната безбедност, преку модернизација на армијата, создавање национален систем за сајбер-заштита и подготвеност за справување со хибридни закани. Во делот за економски развој, документот најавува напуштање на моделот на евтина работна сила и премин кон економија базирана на технологија, иновации и знаење, со поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем и зелена енергетска транзиција. Третиот стожер се однесува на правната држава – независно судство, департизирана администрација и системска борба против корупцијата, особено преку дигитализација.

Демографски политики, надворешни партнерства и унапредување на образованието

Документот воведува демографски мерки за поддршка на младите, станбени програми, враќање на дијаспората и подобра грижа за постарите лица. Во надворешната политика се поставува рамка на „партнерства со јасни црвени линии“, со став „да за Европа, но без условувања што задираат во идентитетските прашања“. Шестиот стожер опфаќа инвестиции во образование, култура и заштита на националниот идентитет, вклучувајќи модерни наставни програми, дигитални кампуси, поддршка за науката и зачувување на македонскиот јазик и културно наследство. Партијата оценува дека стратегијата претставува „нова страница во развојот на државата“ и педели дека „Македонија знае, може и мора многу повеќе“.