На храната и се заканува нов ценовен шок. Иако веќе четириесетина дена се замрзнати цените на основните продукти, енергетската криза „удри“ и на останатата роба.
Кафето, на пример, два пати поскапе за два месеци – па едно пакување од 200 грама стигна до цена од речиси 110 денари.
Владата треба да пресече што по 31 јануари кога истекува важноста на замрзнатите цени. Се ќе зависи од анализите што во моментов ги прави Министерството за економија.
„Во денешно време влегувањето во маркет со илјадарка е ништо – една како ниедна. Џабе некои цени се замрзнати кога другите производи поскапуваат.“
Граѓаните грчевито излегуваат со полупразните торби од маркетите и пазарите. Стравуваат дека како изминува времето, платите и пензиите се помалку ќе стигнуваат за убаво да се наполнат фрижидерите.
Засега извесно е дека може да сме мирни барем кога е свинското во прашање. Производителите не планираат да ја зголемат цената бидејќи залихите се доволни.
Во една од последните анализи на Статистика се нотира дека за само една година маслото поскапело за дури 25%, лебот и шеќерот за безмалку 10%, овошјето и зеленчукот за 6,5% а месото за речиси 6%.