Продолжува судењето за пожарот во кој загинаа 63 лица – главната расправа е во Идризово
Во судницата во Идризово денеска продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а повеќе од 200 беа повредени. На денешното рочиште се очекува одбраната да се произнесе за вината и да ги изложи воведните зборови. На претходното рочиште, Судот ги прифати приговорите на дел од адвокатите дека обвинението заедно со доказниот материјал не им било доставено на обвинетите и најави дека расправата ќе биде одложена за тие да можат да се запознаат со документацијата.
Реакции на оштетените и текот на постапката
За да се избегнат дополнителни одложувања, Судот донесе одлука главната расправа да продолжи со изјаснување по оштетните побарувања и по барањата за кривичен прогон на присутните оштетени и нивните законски застапници. Присутните застапници изјавија дека се приклучуваат кон кривичниот прогон и дека надомест на штета ќе бараат во граѓанска постапка. Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, а во судницата присуствуваат обвинетите, роднини на настраданите, обвинители, адвокати и повеќе домашни и странски новинари.
Претходното судење помина во тензична атмосфера.
Обвинението, трагедијата и 37-те обвинети
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители. На првото рочиште, обвинителот Борче Јанев истакна дека се бара конкретна одговорност и дека општеството мора да се соочи со вистината за тоа кој дозволил, кој премолчел и кој не спречил. Тој нагласи дека трагедијата не произлегла само од пиротехниката, туку од долгогодишни институционални пропусти кои ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Обвинителството посочи дека објектот работел повеќе од една деценија без минимални технички услови, без противпожарен систем, со затворени излези, запаливи материјали и неконтролирано присуство на над 600 лица, меѓу кои и малолетници. За пожарот од 16 март 2025 година обвинети се 37 лица – 34 физички и три правни, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници.
