Петар Богојески за прв пат доби државна функција откако со неговиот „Македонски концепт“ стана коалиционен партнер во власта.

Лидерот на „Македонски концепт“, познат во јавноста по многубројните телевизиски гостувања и активност на социјалните мрежи, е поставен за нов директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Најголем дел од фондот на пари со кои располага агенцијата доаѓа од „Еразмус+“, програмата на Европската Унија наменета да го поддржи образованието, обуката, младите и спортот во земјите во Европа, меѓу кои и Македонија.

Богојески е назначен на функција на местото на Марко Ѓоргиевски, кој ја водеше оваа институција од ноември 2020.

Оваа државна агенција се најде под истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), од каде лани побараа поврат на 2,2 милиони евра злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година.

Петар Богојески беше еден од лидерите на иницијативата за реформи во партијата, пред да ја формира неговата партија.

 

Извор: faktor.mk