Се издигна новогодишната елка на плоштадот во срцето на „Винтерленд“, Скопје, иако во поскромна варијанта сепак полека го добива празничниот амбиент.
Одекнаа на плоштадот оние познати божиќни и новогодишни песни, елката е веќе тука, центарот на градот почнува да живее во празничен дух.
Куќичките на Винтерленд полека се полнат, мирисот на топлите крофнички се чувстува ширум плоштадот, се прават подготовките за греаното вино, а можат да се купат и разноразни новогодишни украси, како познатите честитки кои традиционално се испраќаат на најблиските.
Ослободени од размислувања за енергетски и економски кризи, малечките засега најмногу ја чувствуваат радоста која ја носат празниците, а веќе и смислиле што очекуваат од Дедо Мраз за Нова година.
Енергијата на дечињата, полека наметнува новогодишна атмосфера и кај повозрасните
За дечињата има и мини луна парк, кој веќе од вчера се полни со детски џагор, во наредните денови ќе има и дополнителна детска, забавна програма, а според најавите, Скопјани за време на новогодишната ноќ, на плоштадот ќе можат да уживаат во музиката на домашните изведувачи.