Новороденче во Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) се здобило со исекотина на прстот при вадење на инфузија од страна на медицинска сестра. По повредата, бебето било префрлено на Клиниката за детска хирургија за понатамошно медицинско згрижување.

Случајот го потврдија од ГАК, од каде што информираат дека повредата била констатирана на 16 ноември. Веднаш бил повикан детски хирург, по чија индикација новороденчето било префрлено на Детска хирургија.

Од Клиниката соопштуваат дека е закажана седница на Дисциплинската комисија. Таа треба да утврди како настанала повредата и дали постои индивидуална одговорност.

Воедно, од ГАК порачуваат дека нема да има толеранција доколку се утврдат пропусти во постапувањето со новороденчето.

„Нагласуваме дека ваквите настани се третираат со најголема сериозност. Нема да има толеранција за можни утврдени пропусти во постапувањето. Доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени најстроги мерки во согласност со законските прописи“, соопштија од Клиниката.

Оттаму нагласуваат дека безбедноста на пациентите, особено на новороденчињата, е нивен врвен приоритет. Исто така, најавуваат отвореност во постапувањето согласно утврдените процедури.