Американскиот државен секретар Марко Рубио во мај, во претседателскиот авион, го предупредил Доналд Трамп дека директорот на „Нвидиа“, Џенсен Хуанг, е во врска со жена за која постои сомневање дека е кинеска шпионка. Сепак, Трамп го повел со себе во Пекинг, пишува „Њујорк тајмс“.
Весникот се повикува на извори запознаени со случајот.
Според тие извори, Рубио, кој е и советник за национална безбедност, го пренел предупредувањето непосредно пред Хуанг да му се придружи на Трамп во посетата на Пекинг. Според весникот, Трамп во период од седум месеци најмалку двапати добил разузнавачки информации за Хуанг и жената.
Овој извештај е во спротивност со она што Трамп во понеделникот им го изјави на новинарите, дека пред заминувањето во Кина во мај не слушнал за наводните шпионски врски.
„Тогаш не слушнав за тоа, но многу луѓе слушнале, а Џенсен целосно ги негира тие тврдења“, рече Трамп.
Таен меморандум, изготвен во пролетта под надзор на Рубио, бил повод за овој случај. Тој се засновал на електронски надзор над Алис Хуанг, кинеска државјанка и директорка во компанија со седиште во Сингапур, која е под истрага поради сомнежи за шверцување напредни чипови на „Нвидиа“ во Кина.
Американските контраразузнавачки служби заклучиле дека кинеското Министерство за државна безбедност ја регрутирало како оперативка.
Хуанг првично не бил дел од делегацијата на бизнисмени кои патувале со Трамп. Кога Трамп ги видел медиумските извештаи за случајот, лично го повикал и договорил тој да му се придружи во претседателскиот авион „Ер форс уан“ за време на застанувањето на Алјаска.
„Нвидиа“ во неделата најави независна истрага, откако Хуанг признал дека имал интимна врска со Алис Хуанг. Тој им се извинил на вработените и признал дека ѝ бил неверен на сопругата. Компанијата за спроведување на истрагата ја ангажирала адвокатската фирма „Вахтел Липтон“ и поранешниот вршител на должноста американски обвинител Џун Х. Ким.
Трамп во понеделникот изјави дека разговарал со Хуанг и дека тој му рекол оти немал никаква претстава дека станува збор за шпионка. Трамп го опиша како „чесен човек“ кој „изгради одлична американска компанија“, додавајќи дека ФБИ се занимава со случајот.
Трамп треба да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот на АПЕК во Шенжен на 18 и 19 ноември. Во неделата изјави дека „сигурно би го повел“ Хуанг со себе, но извори на „Саут Чајна морнинг пост“ велат дека малку е веројатно Хуанг да биде дел од делегацијата.
Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата за шпионажа, нарекувајќи ги клевети против Кина.
