МААЕ го потврдува оштетувањето на нуклеарниот објект Натанз во разговор со израелскиот претседател
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, го информирал израелскиот претседател Јицак Херцог дека нуклеарниот објект Натанз претрпел сериозна штета при израелските воздушни напади врз Иран. Веста ја објави портпаролот на Херцог, цитиран од германската агенција ДПА.
„Според податоците што ги сподели директорот на МААЕ, нуклеарниот објект Натанз има сериозно оштетување како резултат на нападите“, пренесе портпаролот.
Израел нападнал 100 локации со 200 борбени авиони
Израелската војска потврди дека извршила координирана воздушна операција во која биле ангажирани околу 200 борбени авиони. Според портпаролот, целите биле стратешки воени и нуклеарни локации на територијата на Иран.
Погодени биле над 100 различни цели, вклучително и објекти поврзани со нуклеарната енергетика.
„Операцијата ги опфати локациите од клучно значење за иранската нуклеарна програма. Убиени се високи воени команданти и научници што работеа во објектите,“ соопшти израелскиот армиски портпарол.
Меѓу таргетираните објекти бил и нуклеарниот објект Натанз, лоциран северно од градот Исфахан, каде што се спроведува збогатување ураниум. МААЕ потврди дека и овој капацитет бил под удар.
Иран не пријавува радиоактивна контаминација по нападите
И покрај обемот на нападите, иранските нуклеарни власти информираа дека не е забележана радиоактивна контаминација или истекување на хемикалии.
„Нема радиоактивно истекување ниту хемиска контаминација од нуклеарниот објект Натанз. Сите безбедносни параметри се под контрола,“ соопштија иранските институции.
Дополнително, Иран извести дека презема мерки за обезбедување на останатите објекти од националната нуклеарна инфраструктура.