Фокусот на оваа Влада е насочен кон обновливи извори енергија, вклучително кон искористување на соларната енергија, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, на денешниот форум во Скопје „Наше сонце, наша енергија, наши инвестиции“, чиј фокус е на можностите за инвестиции во соларна енергија во урбанизираниот простор, како и постапките и предизвиците во процесот на инвестирање во фотоволтаична централа наменета за продажба на електрична енергија.

На форумот, како што соопшти Министерство за животна средина и просторно планирање, дискутираа претставници на државни институции со претставниците на бизнис заедницата за постапките и предизвиците во процесот на инвестирање во фотоволтаични централи за продажба на електрична енергија.

Нуредини нагласи дека скратувањето на целиот процес за обезбедување на потребна документација, градба и ставање во функција на инсталацијата е главниот предизвик и за институциите и за инвеститорите.

Тој кажа дека Северна Македонија како држава-кандидат за членство во Европската Унија вложи напори за интергирање на енергетските и климатските политики и усвои низа документи со кои се препозна потребата од обезбедување енергетска сигурност при одржливи, еколошки прифатливи услови и со цени кои не го забавуваат економскиот развој и кои не го загрозуваат животниот стандард на граѓаните.

Според него, енергетската сигурност не може да се разгледува без да се земат предвид долгорочните сценарија од промените на климата и нашата определба кон зелената агенда.

– Знаејќи го влијанието на климатските промени врз водните ресурси, со политиките на оваа Влада фокусот се насочи кон соларната енергија со која изобилуваме. Овие мерки се проектирани во националните енергетски стратегии, интергираниот план за енергија и клима, како и во Националнот придонес кон Договорот од Париз и Долгорочната Стратегија за климатска акција со акциски план, каде се обврзавме и на редукција на емисиите на стакленички гасови кон меѓународната заедница, рече Нуредини.

На настанот беше презентирана Државната програма за поддршка на инвестиции во соларна енергија и чекорите за добивање на неопходните дозволи, беше објаснет процесот на градење на фотоволтаични централи, соодветната технологија и искуствата на пазарот, а беше разгледана и постапката за добивање на лиценца за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори и алтернативите за продажба на електричната енергија на слободниот пазар.

На форумот учествуваа и претставници од министерствата за eкономија, и за транспорт и врски, како и од компании заинтересирани за вклучување во програми и проекти за производство на енергија од обновливи извори.