Заврши обдукцијата врз осумгодишното момче кое почина по напад од куче од расата на булмастиф во Пинтија. Од Обвинителството велат дека извештајот се уште не е пристигнат, но во меѓувреме се даваат наредби за испитување на настанот. Цел на истрагата е да се утврди зошто кучињата го нападнале момчето, со оглед на тоа што им било познато бидејќи било комшиче.
„Обдукцијата е завршена, но обдукцискиот наод сѐ уште не е пристигнат во Основното јавно обвинителство – Скопје. Надлежниот јавен обвинител издава повеќе наредби со цел да се испита целиот настан. Меѓу нив, ќе биде издадена наредба до Агенцијата за храна и ветеринарство да се провери третманот и одгледувањето на кучињата“, велат Јавно обвинителство.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство веќе ги заловија кучињата и тие се наоѓаат под надзор на ветеринар. Ќе се проверува дали се добро социјализирани, а ќе се испитува како биле третирани. Експертите наведуваат дека овие кучиња не се природно агресивни, туку агресивното однесување е последица на лош третман.