Потпишана Спогодба за стратешко партнерство
На денешната седница на собраниската Комисија за надворешна политика, како и на 52. пленарна седница на Собранието, на дневен ред се најде Нацрт-законот за заверка на Спогодбата за партнерство меѓу Владата на Република Северна Македонија и Обединетото Кралство за реализација на инфраструктурни зафати.
10-годишно партнерство за крупни проекти
Спогодбата, која беше договорена на средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Кир Стармер на 18 мај во Тирана, предвидува стратешко здружување во области како транспорт, здравство, енергетика, технологија и дигитализација. Таа ќе важи 10 години, а финансирањето ќе се одвива исклучиво преку реализација на проекти.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, првичните проекти опфатени со Спогодбата се:
Изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија, во вредност до 2 милијарди евра
Изградба на нова клиничка болница, медицински факултет и студентски дом во Штип
Целосно реновирање на болницата во Тетово
Изградба на нов здравствен комплекс во Кичево, со вкупна инвестиција од околу 200 милиони евра
Фонд од 6 милијарди евра на располагање
Според член 2 од Договорот, Обединетото Кралство преку својот Инструмент за финансирање на извозот ќе стави на располагање до 6 милијарди евра за проекти во Македонија. Финансиската поддршка ќе биде насочена кон проекти избрани заеднички од двете влади.
Во Анекс А од договорот се наведуваат и други потенцијални области за развој:
Проширување на транспортниот Коридор 8
Сајбер безбедност и дигитална трансформација
Поддршка за производство и пренос на електрична енергија
Николоски: Врвни експерти од Велика Британија ќе ни помагаат во реализација на проектите
Доверливост и правна усогласеност
Во член 4, страните се обврзуваат на доверливост во размената на информации. Информации ќе може да се откријат само ако тоа е законски неопходно, при што другата страна мора однапред да биде известена. Соработката ќе се спроведува во согласност со внатрешното законодавство, правила и политики на двете држави.