ОБЕДИНУВАЊЕ РОМАНИЈА–МОЛДАВИЈА
Романскиот претседател Никушор Дан денеска порача дека нема основ за организирање референдум за обединување на Романија со Република Молдавија, сè додека таква иницијатива не дојде од самата Молдавија.
Говорејќи во Фокшани, каде што присуствуваше на одбележувањето на Денот на обединувањето на романските кнежевства, Дан нагласи дека ова прашање не може да се отвори без јасна и недвосмислена волја од граѓаните на Република Молдавија, пренесе агенцијата Аџерпрес.
– Нема причина за тоа сè додека нема волја во Молдавија тоа да се стори – изјави Дан.
Тој потсети дека Романија има обврска да ја поддржува Република Молдавија на нејзиниот европски пат, нагласувајќи дека тоа е приоритет утврден од молдавските граѓани и од владата што тие ја избрале.
– Ова е прашање за кое мора да се изјаснат граѓаните на Република Молдавија – рече романскиот претседател.
Дан додаде дека соработката меѓу двете земји веќе се одвива во повеќе области, меѓу кои енергетиката и економската поврзаност, и дека Букурешт ќе продолжи да ја поддржува Молдавија, почитувајќи ја волјата на нејзините граѓани.
– Доколку во одреден момент нивниот став се промени, ние ќе дејствуваме соодветно – истакна Дан.
