Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпишаа договорот со кој официјално се ставаат на располагање средствата од Светска Банка наменети за реконструкција на 2 локални улици во населба Лисиче. На настанот присуствуваа и претседателот на Советот Дејан Митески и пратеникот Синиша Стојановски.
Станува збор за средства во висина од 62 милиони денари кои се наменети за подобрување на општинската инфраструктура во Општина Аеродром, односно изведбата на улиците „Мите Богоевски“ и „Црноризец Храбар“ во должина од речиси 2 километри.
Градоначалникот Муцунски на својата Фејсбук страна истакна дека унапредувањето на комуналната инфраструктура е еден од приоритетите за оваа година и во таа насока тој ја искористи денешната средба за да иницира реализација на вакви проекти кои ќе бидат имплементирани во соработка со Министерството за транспорт и врски, а со средства на Светската Банка, како и останати фондови и програми за финансирање.