Донацијата е наменета за сензорната соба во училиштето и се состои од персонален компјутер со монитор заедно со детска тастатура со зголемени тастери и вертикално глувче, скенер, принтер, ламинатор, сензорна табла, други наменски материјали и асистивна технологија. Креаторот на проектот “Диферент”, во чии рамки се оствари оваа хуманитарна акција, Сашо Стојановски, и самиот е родител на дете со посебни потреби, па на овој начин, преку соработка со Општина Кисела Вода во оваа сфера, смета дека се подигнува свеста во нашето општество и им се подобрува образовниот процес на сите деца со посебни потреби и нивните семејства.
Инаку “Диферент” е интердисциплинарен проект кој опфати повеќе области од културата, музичката уметност, иновативност, инклузија, работилница за деца со посебни потреби и попречености, како и спроведената хуманитарна акција. Во фаза на подготовка е следниот проект Диферент 2, за која Стојановски веќе договори поддршка од градоначалникот Ѓорѓиевски.
Паралелно со донацијата, во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден за поддршка на лицата со аутизам, во ООУ Невена Георгиева Дуња со поддршка на Sweet Support Foundation се организираше едукативна работилница за улогата на наставниот кадар во процесот на прифаќање на децата со аутизам во образованието, унапредување на методиката на работа и пристап за целосна инклузија во општеството.
Работилницата ја отвори претседателката на Sweet Support Foundation, Сезен Цаноска, а учество зедоа заменик директорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф. д-р Александра Србиновска Дончевски и Драган Даскаловски, м-р по специјална едукација и рехабилитација од областа на аутизмот и интелектуалната попреченoст.
Општина Кисела Вода преку бројни проекти ја подобрува социјалната вклученост на лицата со посебни потреби во општественото живеење. Во моментов, тече опремувањето на две сензорни соби во ООУ Кузман Шапкарев во населбата Драчево и во Кузман Јосифовски Питу, кое по завршувањето на градежните активности ќе биде првото целосно инклузивно училиште во Скопје.